„Успех на човештвото, но и голем ризик за нашата иднина“ – Светската популација надмина осум милијарди луѓе – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/22 9:18 AM

„Успех на човештвото, но и голем ризик за нашата иднина“ – Светската популација надмина осум милијарди луѓе

Светската популација денеска надмина осум милијарди луѓе, соопштија Обединетите нации, предупредувајќи дека регионите кои веќе се соочуваат со недостиг на ресурси поради климатските промени се во поголеми тешкотии.

„Постигнувањето од осум милијарди луѓе е знак за успех на човештвото, но исто така е голем ризик за нашата иднина“, рече Џон Вилмот, директор на одделот за население на ОН.

Земјите со среден приход, претежно во Азија, имаат најголем дел од тој раст, зголемувајќи го своето население за околу 700 милиони луѓе од 2011 година.

Индија е побројна за околу 180 милиони луѓе и следната година би требало да ја надмине Кина како најнаселена земја во светот.

Од друга страна, наталитетот постојано се намалува во САД, Европа и Јапонија, но и во Кина, која се бори со последиците од својата програма „Политика на едно дете“, а минатата година ги повика семејствата да имаат второ, па дури и трето дете.

Без разлика дали станува збор за храна, вода или енергија, од сè ќе има помалку на располагање, бидејќи светската популација ќе се зголеми за уште 2,4 милијарди луѓе до 2080 година, според проекциите на ОН.

„На секој човек му треба гориво, дрва, храна и вода и место за живеење“, рече Стефани Фелдштајн, директорка за население и одржливост во Центарот за биолошка разновидност.

Притисокот врз ресурсите ќе биде особено голем во африканските земји, каде според експертите се очекува пораст на населението.

Тие се исто така меѓу земјите кои се најчувствителни на климатските влијанија и на кои најмногу им требаат средства за ублажување на последиците од климатските промени.

Во субсахарска Африка, каде што околу 738 милиони луѓе веќе живеат без соодветни основни услови за живот, се предвидува населението да се зголеми за 95 отсто до средината на векот, според Институтот за економија и мир.

Според податоците на ОН, светската популација моментално расте со најбавно темпо од 1950 година и може да достигне околу 8,5 милијарди во 2030 година, 9,7 милијарди во 2050 година, а се очекува рекорд од околу 10,4 милијарди луѓе во 2080-тите, како и да остане на тоа ниво до 2100 година.

МИА

Фото:  igkgradacac.com