Студентите незадоволни од Ковачевски и Шаќири, повикуваат на масовен протест во четврток – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/22 8:33 AM

Студентите незадоволни од Ковачевски и Шаќири, повикуваат на масовен протест во четврток

Не сме задоволни од средбата во Собранието и повикуваме на масовен студентски марш во четврток од Министерство за Образование до Собрание, со почеток од 17:00 часот, се вели во соопштението на Студентскиот отпор.
Тие велат дека  по вечерашната средба во Собранието со премиерот, претставниците на студентските собранија, пратеници и министри, јавно соопштуваат дека не се задоволни од крајниот исход и од одлуките кои биле донесени.

Студентите остануваат на нивните барања и тоа:

  1. Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно;
  2. Издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите;
  3. Издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;
  4. Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја;

-Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања и повикуваме во четврток (17.11.2022), на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17:00 часот. Маршот ќе започне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија. Ги повикуваме сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во нашата борба, се вели во соопштението.