„Господ никому да не нанесе ваква болка, веридбата се претвори во трагедија“ – Татко (34) и ќерка (9) загинале во бомбашкиот напад во Истанбул – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/22 7:00 PM

„Господ никому да не нанесе ваква болка, веридбата се претвори во трагедија“ – Татко (34) и ќерка (9) загинале во бомбашкиот напад во Истанбул

Јусуф Мејдан (34) и неговата 9-годишна ќерка Еџрин се меѓу шесте жртви што ги загубија животите во експлозијата во истанбулската улица Истиклал вчера, известува Агенција Анадолија (АА).

Јусуф Мејдан со семејството пристигнал во Истанбул од Адана за да присуствува на веридбата на својот брат. Јусуф и неговата ќерка ги загубија животите во терористичкиот напад, а сопругата Мевлудије ја преживеала експлозијата.

Сопругата Мевлудије е пуштена од болницата откако ѝ е укажана медицинска помош поради здобиените повреди во нападот. Покрај неа, во нападот се повредени уште 80 лица.

Веридбата, што требаше да биде среќен момент за семејството, се претвори во трагедија. Шаторот за изразување сочувство е поставен пред нивната куќа во квартот Ѓулпинар во централниот округ Сејхан во Адана.

Семејството Мејдан шетало по истанбулската улица непосредно пред летот со кој требало да се вратат во Адана.Нивниот роднина Талип Унал за АА изјави дека Мевлудије и Јусуф имаат и петгодишна ќерка Дерин, која ја оставиле кај своите роднини во Адана.

„Сакаа да се вратат во недела по веридбата што се одржа на 12 ноември. Сакаа да го посетат плоштадот Таксим пред враќањето дома“, рече Унал.

Зборувајќи за настанот, Унал порача: „Тероризмот е проклетство.“

„Нека Господ никому не му нанесе ваква болка. Јусуф и јас заедно го минавме детството, тој ми беше брат“, изјави Унал.

Турската полицијата доцна синоќа во истанбулската населба Ќучукчекмеџе ја приведе 23-годишната Ахлам Албашир, државјанка на Сирија.

Терористката одговорна за нападот во Истанбул призна дека е обучувана од страна на терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ за разузнавање и дека од сириски Африн илегално влегла во Туркије.

Истанбулската полиција по терористичкиот напад приведе 46 осомничени во операциите спроведени на 21 локација, откако се прегледани снимките на 1.200 камери за надзор. Управата на полицијата во Истанбул со лабораториски наоди утврди дека во терористичкиот напад е користен експлозив ТНТ.

Во вчерашната експлозија во истанбулската улица Истиклал животот го загубија 6 лица, а повредени се 81 лице. Педесет повредени се пуштени од болница, додека петмина ранети се наоѓаат на одделот за интензивна нега.

 

Извор и фото: Агенција Анадолија