Владата денеска треба да донесе дополнителна одлука со која и компаниите од месната индустрија ќе бидат ставени на списокот за добивање субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават час.
Ова го соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, а согласно одлуката, покрај „одгледувањето живина”, додадени ќе бидат и шифрите на дејности за одгледување свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана струја.
Стопанската комора на Северна Македонија го поздрави ваквиот чекор и јавно и заблагодари на Владата што му излегува во пресрет на бизнисот во вакви услови на криза.
Според Комората, податоците од терен велат дека компаниите одгледувачи на животни работат во отежнати услови зашто сточната храна веќе е поскапена за 70 отсто. Тие бележат екстремен раст на транспортните трошоци, но и на сметките за струја, а сето тоа го доведува во прашање нивниот опстанок.
-Утре ќе се донесе дополнителна одлука со која ќе се прошири списокот на дејностите кои ќе бидат поддржани од Владата согласно барањата на Стопанската комора и целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија, рече вчера министерот Бектеши откако одржа брифинг со новинарите.
Поради воведувањето на оваа мерка, тој очекува, како што нагласи, до крајот на наредната недела да се намалат цените на месните производи.
-Владата ќе излезе во пресрет на барањето на Стопанската комора за проширување на списокот со дејности кои ќе бидат поддршани со мерката субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават час. Со новата Одлука за преземање мерка во услови на кризна состојба со електрична енергија, што според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде усвоена утре, покрај „одгледувањето живина”, ќе бидат додадени и шифрите на дејности за одгледување свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија. Оваа нова Одлука ќе овозможи сите што имаат фарми за одгледување животни и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат подеднакво третирани со мерките. Воедно, тоа ќе придонесе и за зачувување на сточниот фонд во земјата, наведе Комората.
Наредните денови намалување на цените и на лебот и млекото
Според министерот Бектеши кој порача дека сите треба да придонесат во справувањето со кризата и да бидат општествено одговорни, во наредните десет дена се очекува намалување и на цените на лебот и млекото.
-Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто. И во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, рече Бектеши.
Од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања, дополни министерот, ако суровините останат со истите увозни цени, а тогаш стапува во сила и мерката за субвенционирано снабдување со струја.
МИА