„Сите се херои кога ќе се пружи рака за помош“ – Кој е Надир Мурсели, алпинистот кој ги спасуваше повредените на Шар Планина – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/22 1:12 PM

„Сите се херои кога ќе се пружи рака за помош“ – Кој е Надир Мурсели, алпинистот кој ги спасуваше повредените на Шар Планина

Надир е херојот на денот! Оваа реченица вчера постојано се повторуваше, бидејќи Надир се спуштил во бездната на планината каде паднале планинарите, а потоа и полицаецот, за да ги спаси.

Повредениот планинар, за жал е починат, а полицаецот е спасен и се опоравува во болница. Но, Надир е тој кој успеа да ги лоцира и да помогне. Оттаму и неговото име вчера по медиумите и социјалните мрежи беше споменувано, а многу познати и непознати му се заблагодаруваа на храброста и човечноста.

ММС тргна во потрага по Надир, бидејќи во опшеството во кое живееме, вакви луѓе за жал, нема многу. Во време на материјализација и богатење, наидовме на скромен човек, кој најпрво ги сака луѓето, а потоа и природата, а секако најмногу планината.

Да, тоа е Надир Мурсели (45) од Тетово, кој е член на планинарското друштво „Љуботен“ од 1990 година и љубовта кон природата му е во крв. Кога го прашавме како се чувствува како херој на денот тој ни рече дека херои се сите кои учествуваат во спасување на човечки животи.

-Самото спасување носи ризик, а јас не бев сам таму. Сите кои бевме дел од спасувањето на Шара се херои. Да, се сложувам дека бев најискусен меѓу сите, но со херојство не.  Би рекол дека сите сме херои кога некому ќе му пружиш рака за помош.

Како се случи да бидеш дел од спасувачката екипа?

-Сѐ што правам оди преку клубот. Јас сум таму член, таму сум изразнат и клубот навистина многу ми значи.  На се што се прави во позадина е името на клубот.  За несреќата ме извести пријателка алпинистка, која работи во националниот парк „Шара“, која ми кажа дека директорот тргнал самоиницијативно за да види што се случува, а јас да појдам со него. Да не оди сам.  Мене ранецот секогаш ми е подготвен за на планина и веднаш тргнав. Ние настапивме како во тенисот со вајлкард, на повик. Нели го повикаа Горан Иванишевиќ со вајлд кард, а тој го освои Вимблдон. Хахаха… Така и ние. Кога стасавме самата ситуација ми кажа што треба да правам. Кога ми кажаа каква е состојбата веднаш реагиравме за да не се губи време.

Колку беше страшно спуштањето?

-Дали ми беше страв? Секогаш има доза на страв. Мала доза на страв е нормално, па сите сме од крв и месо. Но, за мене тоа е вообичаена работа, рутинска. Јас постојано сум по планините. Тоа е најдобро што знам да правам.

Со каква глетка се соочи додека се спушташе?

-Со трагична, но не сакам да зборувам за тоа. Тажно е многу. Прво наидов на планинарот и кога видов дека нема знаци на живот, веднаш по батеријата го лоцирав полицаецот, кој преживеал затоа што се движел и немаше хипотермија. Но, навистина не сакам да објаснувам, тоа беше страшна и тажна ноќ, за жал се изгуби човечки живот.

Од каде толку голем љубов кон алпинизмот?

-Јас како дете се зачленив во „Љуботен“, во 1990 година, па сѐ до 1995 година, додека не ми се појави љубов кон поголеми предизвици. Од тогаш до денес немам престанато да се занимавам со алпинизмот. Алпинизмот го разбирам вака: Алпинизмот е една карпа, каде човекот гледа една линија во неа, се качува со орудијата, што постојат во алпинизмот.  Отвора еден пат од почетокот, од земјата, до врвот на карпата. Човекот треба само да научи како да ги користи орудијата по тој пат. Ете тоа е алпинизам по мене.

Колку тоа може да биде опасно по живот, иако се разбира, дека љубовта е преголема…

-Е, да. Убаво е прашањето. Но, што во денешно време подразбираме под опасност по живот? Ние денес живееме во некој комфор. Некој со помал, некој со поголем. И кога возиме не сме свесни дека и тоа е опасно. Сите имаме  автомобили во кои некој се врзува, некој не се врзува. За себе можеме да кажеме дека сме најдобри возачи во светот, но постојат возачи кои не се добри како нас. Така што опасноста е секаде. Едноставно во алпинизмот си постојат правила и прописи. Како во сообраќајот. Кој се придржува кон нив е добро.

Каде сѐ си се искачувал до сега?

-Како алпинист се имам искачувано на многу алпинистички локалитети, како низ Македонија, така и надвор. Како планинар имам искачувано планини во Македонија, но и во светот. Имам учествувано во експидиции, како што се Хималаите, на Аљаска, на Алпите. Имам живеено во Швајцарија, па и таму се имам доста искачувано.

Човек кој живеел во Швајцарија и во Македонија, а е љуботел на природата, може да направиш една паралела како и колку се грижиме за планините, за природата?

-Во моментов за жал многу малку овде се грижиме за природата. А и воопшто за сѐ околу нас, паркови, дрвја, хигиена… Во голем минус сме. За жал, пак ќе кажам.

Кој е поголем виновник – институциите или свеста на граѓаните?

-И едното и другото, но мислам дека повеќе е второто. Свеста на граѓаните. Кога газиме надвор од дома, на улица, низ град, по автопат, сетоа тоа е нашата земја, не е туѓо. Јас фрлам ѓубре во контејнер, а ти фрлаш на улица. А таа улица не е моја, туку е наша, и моја и твоја. Така е и со планината. Не е моја, таа е и твоја. Ама разликата е во тоа што јас не сечам дрвја, ги чувам, ги штитам, ама ти ги сечеш, ги уништуваш.

Дали нешто се подобри со Шар Планина откако е прогласена за национален парк?

-Она што го видов, колку директорот беше ангажиран околу спасувањето, нели отидовме заедно, малку ми даде верба. Почнав малку да верувам дека ќе се подобрат работите. Тој не е само директор, туку е и планинар, и сакам да верувам дека ќе биде добро. Но, функциите не смеат да се делат. Зошто?  Горе на планината во спасувачката акција сите бевме луѓе, не беше важно кој е директор, кој е полицаец, кој е пожарникар. Сите бевме едно. Сите бевме исто. Тука сме сите спасители. Тоа многу ми се допадна. Цената на човечкиот живот не признава функции. Мене функциите не ме интересираат, јас само гледам што побргу да стасам до местото и да спасам живот. А кој е и што е воопшто не е важно.

Си имал ли слични искуства?

-Да, бев дел од спасувачката екипа на Солунска Глава, а и други што не биле на планина, но за жал, поради одредена несреќа ги загубиле животите. Имам доста искуство. Сметам дека во вакви ситуации повиците треба побргу да стигнуваат до нас, нам тоа ни е во крв.

Која е твојата вистинска професија? Што работиш?

-Долго време живеев и работев во Швајцарија, околу 20 години. Сега сум вратен тука. Работам и други висински активности, со јажиња во големи објекти. Алпинизмот го користам во работата. Слободното време го користам за патување низ светот.  А дали се живее од тоа? Па сѐ зависи како сам го организираш животот. После толку години поминати во Швајцарија, навистина учиш како најдобро да го организираш животот. Имам две деца, ќерка ми е 12 години, а синчето е осум, тие се со мајка им во Швајцарија. И двајцата го сакаат спортот. Син ми тренира фудбал, а ќерка ми е успешна во ритмичка гимнастика. Знаеле дека сум помогнал, сум спасил многу животи и горди се на тоа.

Ги учиш дека спортот е многу важен и дека природата треба да се сака и чува?

-Освен што ние како родители ги учиме, ги учи и самиот систем. Нас ни недостасуваат норми и критериуми. Еве Тетово на пример мора да има некои норми, да има да речеме 1.500 дрвја. Критериумот е Тетово треба да биде чисто. А го нема ни едното ни другото. А ако ги немаме си тера секој како што сака. За се треба да има норми и критериуми, посебно за спорт, а да не зборувам за спасување. За да човек спасува не само што треба да знае да скија, треба да биде и аплпинист. За се во животот е така. Па и дома. Ако дома не чистиш, ако не си поставиш норми, децата да ги воспитуваш како треба. Без тоа нема напредок и воопшто во животот и во секојдневието.

После толку години живеење во Швајцарија, којзнае колку се нервираш кога ќе поминуваш низ Тетово, па и не е само Тетово, валканоста е секаде!

– Во Тетово имам  удел само во моето маало каде живеам. Тука чистиме, ги одржуваме дрвцата, паркинзите.. Инаку, годините ми се такви, па веќе не се нервирам толку брзо. Ми пишуваат во пораки за херојството и еден ми напишал- да херој, ама никој не ти признава. Јас му вратив дека не одам на планина и на спасување животи за да некој ми го признае тоа. Одам за мене. Јас ја сакам и ја штитам природата. Јас кога ќе стасам  на местото каде треба да се спаси човек, не прашувам дајте ми име и презиме, од каде е и што работи. Тоа воопшто не е важно. Мене целта ми е да се спаси живот.

Како човек љубител на планината, на природата, шти треба да смениме во нашите глави за да разбереме дека природата не треба да се уништува, ако нема дрвја, нема кислород?

-За жал имаме чудни навики. Дома  сакаме да ни е чисто, да ни е убаво, ама кога ќе се излезе од прагот не мора да е чисто и убаво, не мора да има дрвца пред зграда, цвеќе, трева. Додека не го смениме чипот во глава дека и надвор е наше, дека треба да биде чисто, да има дрвја, да си помагаме едни на други, да не биде загадено. Се знае дека планината не треба да се уништува туку да се чува, да се штитат дрвјата, да не се прави ѓубре. И планината живее, има душа и таа си прави баланс со природата. И планината трпи, колку што може да трпи. Ако исечеш милион дрвја земјата ќе си појде надолу. А сме соочени со енормно сечење на дрвјата. Еве пример. Дали знаеме колкава е процедурата за да се исече дрво во град?  Постои процедура, да поднесам барање па да дојдат да го видат, па….  А во Швајцарија не ни знаат дека може дрвото да го исечат. Тие знаат само дека  општината дава дозвола и таа сече ако треба да се исече.

Граѓаните на Швајцарија не може ни да помислат дека може тоа дрво да го исече. Го немаат тоа во глава. Еве на пример мене ме нервираат и патиштата кај нас. Се полоши и полоши се. Не се одржуваа, а се плаќа патарина. А дупки колку сакаш. Ете, тоа е менталитетот. Кога дрво се сече никој не реагира, нема однос веднаш да отиде во полиција за да се види дали тоа дрво смее да се сече.  Зборуваме за свесност кај луѓето. А јас си чистам пред зграда. Лугето кога ќе ме видат ме прашуваат: „Чистиш затоа што ти пречи или чистиш затоа што живееш во Швајцарија“?  Интересно им е што чистам. Што да кажам? Па нормално е дека ми пречи. Јас кога ќе видам хартија на земја ја земам ја фрлам во контејнер, ама на некој друг тоа не му пречи. Не сфаќам што им е толку тешко на луѓето да го фрлаат ѓубрето каде треба. Доколку ги смениме овие работи на добар пат сме.  За мене здравјето е многу важно. Јас имам автомобил, но најчесто возам точак. Луѓето ме гледаат зачудено.  Па што ако возам „ферари“ ако не сум среќен или здрав? Затоа сите ние треба да сватиме дека пред се најважна е среќата и нашето здравје….

 

Весна Миленковска