Со нова донација од странство се пофалија денеска здравствените власти.
Градската општа болница „Осми септември“ доби нови апарати за томографски магнетни резонанци и ултразвучен апарат. Очекувањата се дека овие апарати ќе го зголемат капацитетот за 50 проценти, односно плус 15 пациенти дневно, што претставува голема предност за брза дијагностика на тешко болни пациенти.
Оваа опрема во новиот дијагностички центар за магнетна резонанца при ГОБ „8-ми Септември” е донација од Амбасадата на Италија во земјава, како дел од Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор.
На отворањето на центарот денеска присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали, директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов, како и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Тие информираа дека овој апарат е наменет за сите мускулно скелетни апликации, со нов пристап на дијагностика на магнетна резонанца. Магнетот и пациентот можат да ротираат од нула до 90 степени, со што пациентот може да се постави во стоечка состојба при скенирањето. Директорот на болницата, Костов рече дека се посебно благодарни за оваа донација и за несебичната помош од Амбасадата на Италија.
– Апаратите се набавени во рамки на поголема набавка во вредност од 1,1 милион евра. Во тек е и обука на кадарот кои би требало да почнат со работа со пациенти. На почетокот се планираат по 15 пациенти дневно, а со текот на времето тој број ќе се зголеми. Само за илустрација, на годишно ниво во оваа болница околу седум илјади пациенти се снимаат на магнетна резонанца. Паралелно со новата апаратура, комплетно е реновиран и просторот со средства на установата – информираше министерот за здравство Сали.
Италијанскиот амбасадор Силвестри порача дека пријателството во кое Италија зазема водечка улога е сè со цел да ја придвижи државава кон европските стандарди.
„Во овој процес Италија сака да ја даде поддршката на конкретен начин со бројни иницијативи за соработка, од земјоделски сектор се до одбрана. Здравствениот сектор заслужува посебно внимание, бидејќи се соочува со тешки предизвици особено по пандемијата со ковид-19“, додаде амбасадорот.
И покрај тоа што новиот дијагностички центар е опремен со финансии од Италија, премиерот Ковачевски се пофали дека Владата вложува во квалитетни услуги за пациентите.
– ГОБ „8 Септември” има исклучително важна улога во нашето здравство како најголема болничка установа и во најголемите кризи била секогаш тука прва да одговори и да се справи со предизвиците. Оваа болница презеде голем товар во време на коронавирусот и им честитам на персоналот – рече премиерот.
Инаку, во август годинава Градската општа болница „Осми септември“ доби дигитален подвижен ангиограф и дигитален ехо апарат како донација од јапонската амбасада, која два месеца подоцна донираше четири апарати на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас.