Мислам дека овој сведок денеска даде свое видување на целата таа ситуација дека се работи само за обична тепачка, обичен инцидент и далеку од она што претставува правна квалификација, обвинување за тројцата обвинети, изјави бранителот Иле Танев во врска со сведочењето на очевидецот за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
Според адвокатот Танев, исказот на сведокот оди во друг правец.
– Дава една друга слика која што во никој случај не може да се подвргне на оваа квалификација која што сега е дадена, бидејќи, едноставно се работи за еден моментен, инцидент, се работи за конфликт и се работи за една најобична тепачка, рече адвокатот.
Адвокатот кажа дека се во фаза на подготвување на одбраната и, како што рече „не сакам да откривам некои работи, но, тоа ќе го слушнете на наредната расправа, каде што ќе дадеме комплетно елаборирање и одбраната ќе ја насочиме во друг правец“.
Според него, ослободителна пресуда не може да се очекува, но, дополни, доколку остане ваква правна квалификација, би било логично затоа што, како што рече „вакво дело не постои“.
Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.
МИА