Штип одбележа 78 години од ослободувањето (видео) – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/22 4:48 PM

Штип одбележа 78 години од ослободувањето (видео)

 

Штип е горд на своите граѓани кои со својата трудољубива и посветена работа оставиле белег во градот, но се гордее и со младите штипјани кои ентузијастично внесуваат нови вредности во нашето општество. Вака градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, ги најави осмоноемвриските признанија кои општината традиционално ги доделува за Денот на ослободувањето на градот – 8 ноември.

На 78. свечена седница која започна со интонирањето на македонската химна, со громогласен аплауз беа дочекани годинашние добитници на признанијата. Уметникот и професор на УГД Никола Смилков доби признание за особен придонес за афирмирање на Штип, долгогодишниот финансиски раководител во општината Трајче Цветков доби признание за придонес во економијата, а за особен придонес во развојот на музичката култура признание доби Божидар Симоновски. Годинава признание доби и граѓанската организација „Камп-едукација“, за најуспешна граѓанска организација која работи во полето на младинскиот активизам.

Во име на добитниците на признанијата зборуваше професорот Никола Смилков, кој истакна дека ова признание е верификација на нивните досегашни залагања во областите во кои творат, но и поттик за отварање на нови хоризонти и активности.

– Се надевам дека ова признание и традицијата на доделување на признанијата ќе биде инспирација на идните генерации за понатамошни успеси и достигнувања, а со тоа и промоција на нашиот град, рече Смилков.

За тоа што значи лично за нив осмоноемвриското признание ги прашавме и другите добитници.

„Бидејќи целиот живот го посветив на работа во општината грижејќи се за финансиските резултати на општината секако сум многу задоволен бидејќи мислам дека успеав да постигнам општината да биде на едно завидно ниво во државата. Многу сум среќен и благодарен за оваа награда“ – Трајче Цветков
„Наградата за мене значи признание, не само за мене лично туку и за тоа што работеше Дом на млади. Се надевам дека ова ќе даде поттик на младите музичари, ентузијасти и младите организатори да го продолжат патот кој верувам дека беше успешен во осумдесетите и деведесетите години“ – Божидар Симоновски

„Навистина ни е чест за ова признание кое го добиваме толку скоро по почетокот на нашата работа. Особено ни е значајно што го добиваме од стограѓаните од нашиот роден град, кај што одлучивме да живееме и работиме“ – Ана Марија Павлова

Градоначалникот Јорданов даде краток осврт на историјата на градот поврзана со празникот 8 ноември, која како што рече вечно ќе се памети, но се осврна и на иднината на градот кој е административен, економски, културен и образовен центар на Источна Македонија.

– Генерациите наназад од ослободувањето до денес го вградиле својот труд и енергија, знаење, талент и желба да изградат град со кој сите ќе се гордееме и за тоа сме им благодарни. Поаѓајќи од славното минато на нашиот град денес сме исправени пред предизвикот да потврдиме дека ја заслужуваме слободата и дека имаме капацитет да го зачуваме она што тие крваво го стекнале низ историјата. Секоја генерација има своја битка, нашата е полна со предизвици и бара посветеност, одговорност, искреност и чесно залагање на сите нас во изградбата и создавањето нови вредности. Како одговорна локална власт имаме задача да го зајакнеме квалитетот на услугите кои ги испорачува општината, да изградиме нова и да ја обновиме постоечката инфраструктура во сите наши урбани и месни заедници, рече Јорданов.