Македонската женска ракометна репрезентација загуби вечерва во Скопје од Холандија со високи 30-15 (17-9) во рамки на 2. коло во групата Ц на Европското првенство.
Македонските ракометарки во првото полувреме тешко го наоѓаа патот до холандскиот гол, што во комбинација со големиот број технички грешки и нереализирани удари од чисти позиции во нападот резултираше противничките да стекнат висока предност од осум голови на полувремето (17- 9).
Продолжението донесе резултатски израмнета игра до 42 минута кога при резултат 21-14, уследи голем пад во играта на македонските ракометарки, кои беа 16 минути без постигнат гол, а Холандија со серија од 8-0 на крајот дојде до убедлива победа.
Сара Ристовска со четири голови беше најефикасна во македонските редови, а Јована Мицевска на голот запиша пет одбрани.
Во првиот натпревар на Европското првенство кое се одржува во Скопје, Подгорица, Цеље и Љубљана, македонската репрезентација загуби од Франција (24-14) и шансите да го продолжи натпреварувањето ќе бара во 3. коло, в среда, против Романија, која вечерва од 20:30 часот игра против Франција.
МИА
Фото: Вангел Тануровски