Шефот на Стратешката команда на американските вооружени сили, адмиралот Чарлс А. Ричард, смета дека е на повидок голем судир меѓу САД и Кина.
Според него, војната во Украина е само „загревање за подолг конфликт со Кина што им се заканува на САД“, пренесе „The War Zone“.
Американскиот адмирал предупреди дека САД во многу блиска иднина треба да се подготват за конфликт со Кина, а конфликтот може да почне со некој кинески агресивен чин кон Тајван.
Адмиралот, како шеф на американската стратешка команда, е одговорен за подготвеноста и состојбата на американскиот нуклеарен арсенал. Ова оружје може да се активира во случај на напад или одговор на напад со нуклеарно оружје лансирано од земја или море и од воздух.
Тој ова свое мислење го искажа пред неколку дена на симпозиум, а веднаш потоа тоа доби јавност преку објава од Министерството за одбрана на САД.
Адмиралот Ричард уште и нагласи дека доаѓа до нагло топење на надмоќноста во вооружувањето на САД пред Кина.
За него, ова што сега се случува во Украина е само загревање и дека допрва претстои големиот конфликт со Кина.
-Наскоро ќе бидеме тестирани како што не сме биле долго време. Мораме да иницираме фундаментални и брзи промени во начинот на кој САД пристапуваат кон својата одбрана, рече тој, дополнувајќи дека не е премногу охрабрен од моменталната ситуација, пренесе „The War Zone“.
МИА
Фото: агенција Анадолија