ОБСЕ/ОДИХР: Итно да се спроведе попис и да се реши прашањето за избирачкиот список – ММС
ММС

Објавено на: 10/1/18 3:36 PM

ОБСЕ/ОДИХР: Итно да се спроведе попис и да се реши прашањето за избирачкиот список

Итно да се спроведе попис и да се реши прашањето  со избирачкиот список – ова се препораките од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за македонските власти, ден по референдумот за Договорот од Преспа.

Амбасадорот на ОБСЕ во земјава, Јан Питерсон вели дека ова прашање е идентификувано и во претходните извештаи, а и понатаму останува нетретирано.

Со ист став е и шефот на Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Штефан Шенах според кој, власта и администрацијата имаат доволно време да работат на избирачкиот список и да ги разјаснат работите:

„Ако работите на избирачкиот список со тоа спроведувате попис, а последниот попис е од 2002 година. Законот во вашата земја бара попис на 8 години, па итно трба да се спроведе попис. Секој има право да ги знае резултатите од пописот на земјата. Ова е релевантно и за прагот на излезност, но забележуваме дека во текот на нашите разговори изминатите седмици ова не се наведуваше како причина за загриженост“.

Според прелиминарните наоди и заклучоци на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, денот на референдумот бил главно мирен и добро организиран, но како што велат оттаму, иако претходно Државната изборна комисија одржуваше редовни јавни состаноци, изостана суштествената дебата за клучни прашања. Од мисијата на ОБСЕ потсетија дека иако Собранието можеше да предложи набљудувачи до ДИК, собраникиот спикер Талат Џафери одлучи да не го прави тоа.  На оваа одлука претходно реагираше и опозицијата, а набљудувачката мисија денеска оцени дека со истата, се намалила севкупната транспарентност на референдумскиот процес.

 

Вања Мицевска