Пејачот Роби Вилијамс започнал со реновирање на куќата, која според сите досегашни информации ќе биде најтивкото реновирање куќа на сите времиња.
Вилијамс наводно сакал да избегне да ги вознемирува соседите, музичарот од Лед Цепелин, Џими Пејџ. Во својата вила вредна околу 20 милиони евра, во лондонскиот кварт Кенсингтон, Вилијамс моментално го реновира подрумот, каде што гради базен и теретана, а пејачот им наредил на работниците да бидат што потивки.
Наводно, работниците што Вилијамс ги ангажирал морале да користат рачни алатки од 19 век за да избегнат бучава. Дополнително, набавил апарати за мерење бучава во вредност од околу 58 илјади евра.
Во мај било дадено зелено светло за работа на реновирање на куќата на познатиот пејач. Претходно беше објавено дека соседот на Вилијамс, Џими Пејџ не сакал да се согласи со плановите за пренамена на подрумот на неговиот сосед.
Познатиот гитарист се спротивставил на предлогот, тврдејќи дека и најмал удар за време на реновирањето може да му ја уништи зградата. Вилијамс потоа излегол со нови планови и ветил дека нивото на бучава за време на реновирањето нема да надмине 25 децибели.
Инаку, рок-ѕвездите веќе седум години се во соседски спор, а деновиве во тек е и расправија за дрвја. Вилијамс сакал да отстрани некои дрвја на сопствената парцела и некои гранки од други дрвја, за што му треба дозвола од општината, а Пејџ е против, пишува Дејли Мејл, а пренесува индекс.хр.