Штипската Клиничка болница обезбеди нов апарат за анестезија, се чека одобрување и за 13 нови вработувања – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/22 2:47 PM

Штипската Клиничка болница обезбеди нов апарат за анестезија, се чека одобрување и за 13 нови вработувања

Нов апарат за анестезија обезбеди штипската Клиничка болница, втор за три месеци, информираше денеска директорот Ален Ѓеорѓијев.

„Успеавме во рок од три месеца да купиме два нови апарати за анестезија и со сервисот на апарати завршивме во делот на сервисирање на апарати, набавка на опрема за анестезија, со цел можност за извршување на повеќе хируршки интервенции и изведување на побезбедна хирургија во интерес на пациентите. Имавме барање од Одделот за анестезиологија, потпишано од целиот стручен колегиум дека им се неопходни најмалку два нови апарати за анестезија“, вели Ѓеорѓијев.

Новиот апарат за анестезилогија ќе се користи на сите оддели кај кои се применува хирургија, а чини над три милиони денари, првиот апарат е обезбеден за 2,2 милиони денари.

Ѓеорѓијев вели дека  медицински кадар недостасува речиси во сите оддели при Клиничка болница- Штип, а дополнителен проблем е што голем дел од вработените заминаа на работа во приватното здравство. Најголем недостаток има од анестезиолози, доктори на одделот за ортопедија, на oдделот за очни болести и на инфективно.

„Проблемот со бројот гинеколози кој минатата година се намали со заминување на четворица од нив, сега е надминат и во моментов има пет гинеколози“, додава Ѓеорѓијев.

„Очекуваме овие денови да пристигне одобрението од Министерството за финансии за распишување на оглас за доктори и сестри со што малку ќе успееме да го ублажиме тој недостаток. Во план е вработување на шест доктори, шест медицински сестри и една акушерка“, вели директорот.