Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Марјанче Митовски се огласи попладнево, откако Сојузот на синдикати на Македонија побара негово разрешување, бидејќи како што тврдат синдикалците, тој работи незаконски.
Митовски свика вонредна прес конференција на која ги повика новинарите и им прочита соопштение. Кога заврши со читањето, а новинарите сакаа да му постават прашање, како што е професионално, тој со изговор „имам многу обврски“ стана и си замина, а на новинарите им рече да му пратат прашања писмено.
Професионално ќе беше тоа што го прочита и тој да го прати писмено, за да не мора да ги малтретира и ги повикува на прес, кој воопшто не личеше на тоа.
Митовски беше нервозен од претходниот прес на ССМ, па рече дека борбата за работнички права на некои поединци е сведена на лична пресметка со него.
„Морам да одговорам на обвинувањата кои претставниците на ССМ ги упатија кон мене. До овој момент, против мене како директор на ЈП Водовод и канализација нема пристигнато ниту една пријава за мобинг. Доколку постои таква намера јас ги охрабрувам во оваа намера, бидејќи и на мене како личност ми е во корист јавноста да ја дознае вистината“, изјави директорот.
Според него, до овој момент еден редовно вработен во ЈП „Водововод и канализација“ не е избркан од работа.
-Точно е дека има хоризонтални поместувања кои не се со решенија, односно се времени задолженија поради реални потреби на претпријатието. Ниту се скратени платите на овие десетина времено вработени, ниту се намалени бодови за плата ниту пак се деградирани на каков било начин. Од нив се бара единствено да работат и да ги извршуваат своите работни задачи за кои се платени – додаде Митовски.
Тој ја спомена сопругата на лидерот на ССМ Дарко Димовски, Лила Димовска:
„Точно е дека на госпоѓа Лила Димовска ѝ се скратени привилегиите како платено отсуство додека не е работа шест месеци, за кое не постои ниеден друг таков пример во ова претпријатие“, објасни тој.
Матовски се осврна и на информациите за наводно бркање на десетина лица од претпријатието кои биле ангажирани преку агенцијата за времени вработувања од страна на неговиот претходник. Директорот истакна дека по завршувањето на потребата за нивен ангажман, договорите на овие вработени не биле продолжени бидејќи претпријатието немало потреба од нивните услуги.
„Во врска со информациите дека се водат дисциплински постапки против 40 лица сакам да ја информирам јавноста дека тоа не е точно. Постојат неколку дисциплински поради тешки повреди на работното место кои биле констатирани од внатрешната ревизија и за кои следи постапки по службена должност. Ниту јас ниту било кој од ова претпријатие не преземал мерки против вработените на нивна штета. Јас во ова претпријатие работам 12 години и сум дел од овој колектив“, додаде Матовски.
Тој потенцираше дека ги охрабрува синдикалците максимално да го искристат своето право на штрајк, да се борат за работничките права сега кога за тоа имаат можност. Матовски се пожали дека и самиот бил жртва на мобинг, но тогаш кога неговите права биле прекршени ниту еден синдикат не застанал зад него поради заплашување и уцена.
„Лекарскиот записник кој денеска Дарко Димовски сметаше дека е неопходно да го објави е доказ во судска постапка во која јас тужев за мобинг врз мене. Сакам да го информирам господинот Дарко Димовски дека со објава на докази од судска постапка кои содржат лични податоци на инволвирани страни, Димовски изврши кривично дело – злоупотреба на лични податоци“, заклучи Матовски.
Неговата реакција следува по барањето на синдикатите да биде разрешен. Тие досега во јавноста презентираа документ од специјалист дека Матовски има „мешано анксиозно и депресивно растројство“, но и судска пресуда од 1993-та година бидејќи Матовски со нож нанел телесни повреди на друго лице.
(В. Ми)