Османи лаже за оставката, авионските билети на дипломатот се одамна извадени, заминува амбасадор – Македонскиот дипломатски синдикат контра министерот – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/22 1:05 PM

Османи лаже за оставката, авионските билети на дипломатот се одамна извадени, заминува амбасадор – Македонскиот дипломатски синдикат контра министерот

Македонскиот дипломатски синдикат денеска реагираше на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека поради грешка со поставување знамиња, оставка поднел директорот на Протоколот во МНР, тврдејќи дека ваквата информацијата не е вистинита.
Според Синдикатот, механизам оставка на државен службеник не постои, посочувајќи дека директорот на протоколот во МНР за една недела треба да замине како „амбасадор во една голема земја“ и оти за таму картите му биле извадени уште пред „грешката со знамињата“.
– До кога Османи ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштитите себе си од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако. Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата, се вели во денешното соопштение од Македонскиот дипломатски синдикат.

Тие додаваат дека се почесто се случува министерот Османи да излегува во јавност со невистините информации.
– Бујар Османи е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка. Како Синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана, од колеги кои не можат да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи, што побрзо, зошто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави се под своја контрола, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.
Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да се борат за, како што велат, зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР.