(Вознемирувачко видео) „Час и половина ме газеа, луѓето паѓаа како домино“ – Исповед на преживеани во Сеул – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/22 2:16 PM

(Вознемирувачко видео) „Час и половина ме газеа, луѓето паѓаа како домино“ – Исповед на преживеани во Сеул

Најмалку 150 луѓе загинаа во трагедијата што се случи за време на прославата на Ноќта на вештерките во Сеул.

Во стампедото што се случи во тесната улица повредени се најмалку 150 луѓе, а голем дел од нив се во тешка состојба. Трагедијата се случи во дел од градот кој е популарен меѓу младите, полн со кафулиња и ресторани, а каде поради празниците во него се насобраа илјадници луѓе, особено од Азија.

Како што изјави еден од сведоците за Би-Би-Си, толпата била повеќе од двојно поголема од онаа на Божиќ или кога се палат огномет.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат стотици луѓе набиени во тесни,  коси улички, згмечени и неподвижни додека болничарите и полицијата се обидуваат да ги извлечат. Првите информации од местото на настанот говореа дека најмалку 50 лица доживеале „срцев удар“, а на снимките се гледаат луѓе онесвестени како лежат на улица, додека медицинските лица и обичните граѓани се обидуваат да ги реанимираат.
Сведоците опишаа хаотични сцени и моменти пред стампедото. Една од преживеаните е Ким, која рече дека видела луѓе како паѓаат и се превртуваат.

– Паднаа еден врз друг како домино откако беа турнати во тесната улица. Некои од нив повикаа помош. Останатите останаа без здив. Пред да бидам спасена, други луѓе ме газеа час и половина – изјавила Ким, пренесува Скај Њуз.
Друг преживеан, Ли Чанг-кју, им кажа на новинарите дека видел пет или шест мажи како почнале да ги туркаат другите пред луѓето да почнат да паѓаат еден по еден на почетокот на стампедото.
Хванг Мин-Хеок, друг преживеан, изјави за локалните медиуми дека е шокантно да се видат редовите на тела кои лежат во уличката во близина на хотелот Хамилтон. Тој рече дека Итната помош првично била преоптоварена и оставила случајни минувачи да им помогнат на повредените и да им укажат прва помош.

– Луѓето плачеа покрај телата – додаде тој.

Полицијата беше распоредена пред прославата на Ноќта на вештерките, а на моменти имаше проблеми да ја држи толпата под контрола.

Надлежните соопштија дека ја истражуваат точната причина за трагедијата.