Во Благоевград денеска се отвора македонскиот културен центар „Никола Вапцаров” – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/22 10:03 AM

Во Благоевград денеска се отвора македонскиот културен центар „Никола Вапцаров”

Во Благоевград за денеска е закажано отворањето на македонскиот културен центар со името „Никола Вапцаров”.

Од македонските претставници во име на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува генералниот секретар Миле Бошњаковски, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да присуствува. На отворањето на клубот присуство најавија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, а ќе замине и делегација од Демократскиот сојуз.

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски во петокот информираа дека тој добил покана да присуствува на отворањето на клубот, но дека поради претходно закажани обврски нема да присуствува.

Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот изјави дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров”, но повтори дека треба да се поттикнуваат и поддржуваат клубови кои имаат цел да ги зближуваат државите и народите. И вчера во изјава за медиумите Ковачевски го повтори својот став и додаде дека на бугарските институции е да проценат на кој начин е регистриран македонскиот клуб во Благоевград.

-Во однос на тоа на кој начин е регистриран, останува на институциите на Бугарија да проценат, исто како што формирањето на бугарските клубови во нашата држава останува на оценка на нашите институции, рече Ковачевски, порачувајќи дека меѓу двете држави треба да се формираат организации и настани што ги зближуваат државите.

На иста линија со Ковачевски е и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој рече дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров” во Благоевград, ниту, пак, дека ќе има владина делегација и делегација од СДСМ. И министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава.

Османи смета дека како што отворањето на клубовите во Охрид и Битола, така и отворањето на клубот во Благоевград, не е во функција на добрососедските односи меѓу двете држави. Додаде дека ова негово мислење, било поткрепено и со податокот, кој го финансира клубот во Благоевград и дека тој факт го доведува до заклучок дека тој процес не може да биде во функција на промовирање на македонската заедница, на интересите на граѓаните Македонци таму, на односите меѓу двете држави, на добрососедството.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека ќе оди на отворањето во Благоевград за, како што рече, да им даде поддршка на Македонците во Бугарија, да ги охрабри дека нивната матична земја стои зад нив и дека партијата ќе ги штити нивните интереси.

Коментирајќи ја одлуката на државниот врв да не присуствува на отварањето на македонскиот клуб во Бугарија, Мицкоски оцени дека нивното присуство би било одлична можност да се покаже национално единство.

Заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на Министерството за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев, на редовниот брифинг во петокот изјави дека е очигледен обидот на опозициските македонски партии да провоцираат тензии во Софија и Скопје со отворање приватен клуб со името на Никола Вапцаров.

Според Коџабашев, јасно е дека станува збор за оттргнување на вниманието на јавноста од борбата на Бугарите за права во Северна Македонија.

– Физичко лице, кое се претставува како дел од непостоечка невладина организација, изнајмил приватен простор од друго физичко лице. Семејството на Никола Вапцаров е револтирано од употребата на името на поетот во ваквите провокации, не дало дозвола и го нагласува бугарското самоопределување на поетот, рече Коџабашев.

Во пресрет на отворањето на македонскиот клуб, ВМРО – Бугарско национално движење најави протест.

Советот на Општина Благоевград неодамна излезе со декларација со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” во овој град, со оценка дека таквиот чин претставува провокација.

– Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за отворањето на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров” на територијата на Општина Благоевград, се наведува во Декларацијата, во која се додава дека „македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната”.

Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет”, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации”.

– Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство” во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија. Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија грубо е прекршен Договорот за добрососедство и погазени се сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Северна Македонија и е попречен нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија, се наведува во Декларацијата.

Веднаш потоа уследи реакција од македонското МНР, кое ги осуди „непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ”.

– Очигледно е дека ваквите декларации се во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување, се наведува во соопштението.

Од МНР уште еднаш потенцираат оти интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството. – Во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка, стоеше во реакцијата на МНР.

 

МИА