Во Националната опера и балет вечер ќе биде изведена раскошната балетска класика „Рајмонда” од Александар Глазунов, која со раскошната убавина на класичниот танц важи за еден од бисерите на балетската уметност.
Диригент на претставата е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко од Украина. Прекрасните костими и спектакуларната сценографија се на гостите од Украина, Гана Ипатиева и Андреј Злобин.
Во главните улоги ќе настапат: Марија Кичевска Шокаровска, Франциско Хименес Руиз од Шпанија и Васил Чичиашвили од Грузија.
Во претставата учествуваат и првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Рајмонда” е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург во јануари 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда” е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на уметничкиот правец Романтизм, во чии приказни доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.