Граѓаните да бидат спокојни. Секако дека службите ќе одговорат на овој предизвик, а целта е вознемирување, праќање порака и се случува во многу важни моменти за државата со цел да се наруши нејзиниот углед, појасни денеска за МИА експертот во областа на безбедност Владимир Пивоваров по лажните дојави за бомби во неколку училишта во Скопје.
Според него ваквите состојби се случуваат во одредени моменти и не само кај нас, туку и во регионот како во Србија, Црна Гора и во Албанија.
„Се случува кога има некои настани, кога имаше некои посети, некои носења на политички одлуки, значи во тие моменти почнуваат тие, така почна и кај нас. Значи не вчера, завчера првите пет дојави што беа беше точно тајмингот поклопен со времето на доаѓањето на европската комесарка и на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и потпишувањето на Фронтекс, истакна Пивоваров, кој е национален координатор за гранично управување.
Тоа е момент, појаснува тој за МИА, кој треба сериозно да се истражи, кој стои позади овие наводно хакерски напади или, како што рече, можеби се некои мобилистички желби или идеи.
Во однос на штетите, тој смета дека чинат многу пари поради ангажирање на полицијата, службите и технички и кадровски и секако поради тоа што децата не одеа на училиште, се губат часови, се внесува можна нервоза кај населението.
„На секој ваков настан мора сериозно да се пристапи бидејќи не се знае во старт дали е лажна или вистинита. И во Србија беше еден временски период и престана. И во Загреб, додаде тој.
Потсети дека во Србија практично ваквите дојави беа поврзани со настаните особено кога требаше да се преговара со Лајчак за ситуацијата Србија – Косово, што според него, се врзуваше со некој политички, пред се крупен настан како што беше нашиот вчера.
Прашан за местото од каде доаѓаат лажните дојави, Пивоваров вели дека претпоставено може да биде од секаде.
„Не мора да значи дека е токму од кај нас, може да е од таму некаде, може да е од трета земја, четврта. Но гледам дека во сите случаи и во регионот сите закани детектирани се дека доаѓаат од некои странски земји. Значи никој не се осудува од држава да упати закана, бидејќи многу лесно ќе биде откриен. Тоа е нормален начин како тие сакаат да ги скријат трагите, односно да си ја постигнат својата цел, појаснува експертот од областа на безбедност.
миа