Општина Штип формираше фирма ќерка на ЈП „Исар“ – Штип, односно ДООЕЛ коешто ќе има дејност за производство на електрична енергија. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов појаснува дека за функционирање на оваа фирма ќе се обезбедат пари преку издавање на обврзница. Со овие пари ќе се набават турбина и фотоволтаици.
„Практично ќе обезбедиме средства за набавка и поставување на турбина, која ќе се постави во Филтер станицата и да поставиме фотоволтаици на кровни конструкции на одредени јавни институции на територија на Општина Штип, коишто фотоволтаици и самата турбина ќе бидат во сопственост на ова претпријатите, овој ДООЕЛ, што го формиравме со намера за производството на електрична енергија, вели Јорданов.
Посочи дека целта е во услови на енергетска криза да произведуваат струја, да се пласира на слободниот пазар, а средствата кои ќе се обезбедат од продажбата на електрична енергија да се искористат за санирање на последиците од кризата, односно зголемените трошоци, како и да се вратат парите од издадената обврзница.
„Ова е се со цел да ги амортизираме последиците од енергетската криза, имајќи во предвид дека мандатот практично ќе го поминеме со скапа електрична енергија. Мора да се прилагодиме и живееме со енергетската криза, една од одлуките како полесно да го пребродиме овој период беше да формираме вакво претпријатие, со намена за производство на електрична енергија и одлуката, којашто ќе следи е поставување на фотоволтаици на кровни конструкции и поставување на турбина, вели Јорданов.
Штипскиот градоначалник истакна дека дел од средствата кои ќе ги добијат од обврзницата ќе се искористат за новиот ДООЕЛ за производство на електрична енергија, а останатиот за реализација на неколку капитални проекти во Штип.
миа