Собранието денеска со 63 гласа „за“ го избра Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на 88. седница. Пенов доаѓа на министерската функција откако неговиот сопартиец и претходник Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.
Расправата за изборот на Пенов траеше три дена, а во тек на денешната дебата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека заслугите на Пенов не се „толку големи“. Пратеникот Антонио Милошоски рече дека „е нејасно зошто Курто Дудуш не е предложен за министер за локална самоуправа“.
„ Можеби Ристо Пенов бил некогаш подобро запознаен со предизвиците на локалната самоуправа и проблемите со кои се соочуваат општините, но има градоначалници во овој момент кои се соочуваат со актуелните проблеми и знаат што е најсериозно потребно за локалната самоуправа да се развива. Курто Дудуш е од ЛДП кандидат и нејасно е зошто ЛДП нема доверба тој да е министер за локална самоуправа. Курто Дудуш најверојатно не е пожелен ни во ЛДП, ни во Владата да ги застапува интересите на локалната самоуправа, рече Милошоски.