Министерот за правда Никола Тупанчески, во изјава за медиумите прашан за тоа што може министерството да направи за предметот за случајот „Ласкарци“ кој подолго време го чека супер вештачењето, рече дека не сака да коментира одделни случаи, нагласувајќи дека министерството за правда се обидува, во рамки на своите ингеренции, на создавање на оптимални услови, но дека работата за правораздавање е сепак работа на судовите и останатите субјекти кои се учесници во постапките.
„ Констатирани се дефектите и јас мислам дека тоа законско решение ќе претставува решавање на сите досегашни наталожени проблеми. Од тоа како ќе биде изработен регистарот на вештаци, како ќе се добива лиценца и т.н. Значи прецизни правила за тоа како ќе се одвива вештачењето во иднина, изјави Тупанчески.
Претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев, на прашање до каде е случајот „Ласкарци“, рече дека е точно дека постои застој и веќе година дена како не е изработено вештачењето, иако како што посочи веднаш откако е побарано вештачењето судот постапил и го пратил предметот во Бирото за судски вештачења.
„ Моите информации кажуваат дека застојот е поради тоа што недостасуваат вешти лица од таа област. Сепак, тоа прашање ќе треба да се постави во Бирото до каде е застојот. Последно што знам е дека вештите лица побарале барање да извршат увид во автобусот и од страна на Судот веднаш е издадена согласност за тоа да го нарават, изјави Џолев.