„Луѓе помогнете, судот и полицијата не сакаат“ -Атиџе плаче и моли, повторно е ограбена – ММС
ММС

Објавено на: 10/28/22 1:29 PM

„Луѓе помогнете, судот и полицијата не сакаат“ -Атиџе плаче и моли, повторно е ограбена

„Кај да бегам, како да се спасам не знам. Ниту суд ми помага, ниту пак, полиција“, низ солзи вели хероината Атиџе Муратова од „Медена земја“, која повторно е ограбена.

Атиџе се обрати плачејќи вели дека навистина не знае што повеќе да направи и кому да се обрати за помош, бидејќи како што рече, „вака повеќе не се живее“.

Според неа, соседот во Бекирлија досега повеќе пати ѝ напакостил, еднаш ѝ украде пчели, летоска користејќи го моментот кога немало никој во Бекирлија ги разбил вратата и украл некои предмети, но тука не застанал. Завчера, вели низ солзи таа, тој го искршил катанецот, го украл целиот алат и направил уште штета.

–  Кажи ми како да се спасам, те молам кажи ми, вели плачејќи Атиџе и додава:

-Ве молам некој да се заангажира да му стават забрана за приближување и на мојот каков таков имот и на мене. Ова веќе не се трпи. Никој ништо не презема, а јас се плашам и немам помош. А сведоци имам дека јас навистина не можам вака да продолжам да живеам во страв. Летоска ме испокраде сега пак, целиот алат што го имавме го однел. Соларни светлики ми подари една Албанка, тој ги исповадил и ги испофрлал. А нема струја во Бекирлија и тоа многу помагаше. Се обратив во полицијата во Свети Николе, но од таму вообичаено не мрднаа со прст. Вчера бев очајна и кога повторно сфатив дека од полицијата во Свети Николе нема да ми помогнат се јавив во 192, па ми се јавија од полицијата од Велес и беа многу внимателни со мене. Но, јас знам, веќе имам искуство со институции, мојот проблем со соседот не е од сега, не помага ни судот ни полицијата, вели исплашено Атиџе.

Дека Атиџе има проблем со соседот не е ништо ново. Таа досега многу пати се пожалила, од неажурноста на судот и полицијата во Свети Николе.

-Веќе здравјето го изгубив. Веќе навистина не знам што да правам. Не сум заштитена,  се плашам дека ќе посегне и по мене. Тоа ли треба да се случи за да институциите станат ажурни. Што не сум видела низ животот, ако треба и тоа да го преживеам, веќе навистина не ми треба таков живот во страв. А верувам дека ќе го направи тоа, од сѐ што ме снашло од него. Па, тој со секира ги брка неговите, а не па мене. Еднаш и на мене ми рече, а тоа ми го кажуваат и луѓето од село, и ним им кажал дека дека ќе ме остави без пчели. Епа уште тоа да го направи и да земам да се убијам. Не ми треба тогаш живот, пчелите ми се се светот, вели разочарано таа.

Хероината од „Медена земја“, која ѝ донесе популарност на државата дури до Холивуд, да беше некаде на друго место досега ќе беше под државна заштита како раритет. Но, кај нас, за жал, ваквите ситуации со нефункционалност на институциите ниту се новост, ниту се реткост.

-Тешко ми е многу, навистина ми е тешко. Брат ми плаче како мало дете, не можам да го смирам. Државава не сака да ме заштити, институциите не сакаат. Епа кај да одам? Да се обратам ли во турска амбасада? Па, јас не живеам во Турција, живеам во Македонија, си ја сакам државата, си го сакам селото. Јас од Македонци лошо не сум видела. Па  има институции, има лекари, ако човекот психички не е добар нека го земат, нека го лечат. Така е похумано и нему ќе му се помогне.  Што можам јас, од сѐ штета што ми направи остана уште да ме убие. И тоа само заради тоа што мисли дека јас повеќе пари сум земала од документарецот, а не сум. Се колнам, вели Атиџе, која целиот разговор со ММС го преплака.

Не е првпат Атиџе да алармира за проблемите со соседот. Не е првпат Атиџе да се пожали на неажурноста на полицијата во Свети Николе. Не е првпат медиумите да алармираат дека игнорирањето на ваквите луѓе го покажува лицето на државата. Многу патипоради неажурност се изгубил човеки живот.

ММС досега многу пати пишуваше за проблемите на Атиџе. Во 2020 година дури и иницираше акција со пчеларите од Штип и Куманово, кои ѝ подарија шест семејства пчели, кои таа ги негува и денес. Што уште треба да се направи за да конечно Атиџе живее на мир?

 

Весна Миленковска

Луѓе помогнете ми, се плашам за својот живот, вели уплашена низ солзи Атиџе, чии проблеми со соседот кулминираа

„Не ме плаши корона, туку лоши луѓе“: Атиџе разочарана, и скршиле 20 нови, а две стари трмки со пчели и украле

(Видео) Боже, дај им добрина на сите, па најпосле и на мене- Атиџе со солзи радосници, пчеларите и подарија шест семејства пчели