Уапсен стружанец, меѓународен дилер на дрога, кој делувал во Австралија – Запленета дрога од 10 милиони австралиски долари – ММС
ММС

Објавено на: 10/28/22 12:41 PM

Уапсен стружанец, меѓународен дилер на дрога, кој делувал во Австралија – Запленета дрога од 10 милиони австралиски долари

Дваесет и седумгодишен стружанец И.Р. е приведен под сомнение дека е координатор на меѓународна организирана криминална група која дејствувала главно на територијата на Австралија, како и други 13 лица поврзани со групата која ја координирал тој.  Запленета била голема количина наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари, како и голем износ на парични средства.

МВР денеска соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги, Единица за недозволена трговија со дрога заедно со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во директна соработка и размена на докази со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија, а во координација и со американската ДЕА, по едногодишна истрага, во Струга го лишиле од слобода И.Р.(27) од Струга, со македонско – австралиско државјанство, за кого постојат основи на сомнение дека е координатор на меѓународна организирана криминална група која дејствувала главно на територијата на Австралија, користејќи софистициран начин на комуникација, преку енкриптирани телефонски уреди и договарање на зделките со дрога.

– Во текот на оваа меѓународна операција во Австралија лишени се од слобода 13 лица кои биле припадници на криминални групи поврзани со групата која ја координирал И.Р., при што била запленета голема количина наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари, како и голем износ на парични средства, информира МВР.

Според соопштението, за време на претресите кај И.Р. во Струга биле пронајдени повеќе предмети за кои постоело сомнение дека се користени при извршување на кривичните дела „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл. 215 став 1 и „Злосторничко здружување“ по чл.394 ст.1 од Кривичниот законик.

– Лицето е приведено и против него е поднесена кривична пријава до ОЈО за ГОКК за наведените кривични дела, а од страна на Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје одредена му е мерка притвор во времетраење од 30 дена, стои во соопштението на полицијата.

Во врска со овој случај се обрати и Јавното обвинителство.

-Вчера под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во Струга беше спроведена акција во која едно лице е лишено од слобода. Акцијата, како што информираат од Јавното обвинителство, е резултат на меѓународна соработка со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија.

-Денеска предметниот јавен обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицето поради постоење на основано сомнение дека сторило кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215  ст.1 од Кривичниот законик, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.

Оттаму посочуваат дека осомничениот во временскиот период од почетокот на август 2021 година до почетокот на септември 2021 година со цел неовластено купување, пуштање во промет и посредување во продажба на наркотична дрога – метиламфетамин и кокаин, создал меѓународна криминална група на која припадници станале петмина австралиски државјани кои дејствувале  на територијата на Западна Австралија. Секој член на групата имал своја улога на купување, продажба, посредување во купопродажба, нудење на продажба и пренесување на наркотичната дрога, со цел понатамошна продажба.

-Македонскиот државјанин користејќи различни платформи преку енкриптирачки мобилни уреди пристапувал и комуницирал под псевдоними и притоа, во критичниот период, договорил неовластено купување на 10 kg метиламфетамин по цена од 2.400.000 австралиски долари, неовластено посредување на 37 kg метиламфетамин во вкупна вредност од 8.880.000 австралиски долари и 7 kg кокаин по цена од 2.240.000 австралиски долари за вкупната количина кокаин. Купопродажбата и примопредавањето на дрогата се одвивала преку австралиските членови со кои се договарал за местото, времето и начинот на преземање и плаќање на истата, информираат од Обвинителството.

Австралиските државјани, како што се наведува во соопштението од ЈО, во акција спроведена на 31.08. и 1.09.2021 година на територијата на Австралија од тамошните органи на прогонот, се лишени од слобода и против истите се води кривична постапка пред австралиските надлежни органи. Во изминатиот период доказите обезбедени од австралиските власти преку меѓународна правна помош беа доставени до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Вчерашната акција е резултат на претходно спроведена постапка.

На предлог на Обвинителството судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот со Решение му е определи мерка притвор во траење од 30 дена.​