ММС, 01.10.2018
Вчерашниот референдум во Македонија доби голем публицитет во балканските медиуми. Речиси нема медиум кој не му отстапи простор, а ММС направи мал избор само од насловите објавени на порталите, во весниците, на радио или на телевизија.
Српскиот портал „Дневне“ стави духовит наслов – „Ајварот го победи Западот – пораз на ЕУ во Македонија“. Интересни наслови излегоа и во други српски медиуми. „Пропадна референдумот во Македонија: Македонците остануваат Македонци“, напиша порталот „Балкански правила“. „Што тоа слават Македонците – дали референдумот навистина доживеа фијаско и што сега“ е насловот во „Блиц“, кој објави и друг текст за референдумот под наслов „Грција соопшти дека го почитува изборот на граѓаните на Македонија“. Со неколку текстови за референдумот во Македонија излезе и „Курир“. Еден е за ставот на САД за референдумот, под наслов „Граѓаните го поддржаа договорот, лидерите да се издигнат над партиската политика“, а во вториот го цитира премиерот Заев, под наслов: „Им благодарам на сите граѓани што гласаа ЗА, доаѓа златно време за Македонија“. „Референдумот во Македонија најмногу го поддржаа Албанците: Заев се обидува влегувањето во НАТО да го протурка во Собранието“, пишува „Србија данас“.
И хрватските медиуми се полни со информации за референдумот. Еве дел од насловите: „Пропадна референдумот, повеќето сакаат промена, но одѕивот е премал“ („24 сата“); „Пропадна референдумот во Македонија. Заев – или промена на името или нови избори“ („Индекс“); „Повеќе од 90 отсто од Македонците кои излегоа на референдумот гласаа за промена на името“ („Слободна Далмација“); „Македонија: Референдум во поделената земја“ („Метро портал“); „Мала излезност на референдумот – не сакаме во ЕУ низ врата за послугата“ („Т-портал“)…
„Од улиците на Скопје – нема да ја доживеам Европа, но таа им е потребна на младите“ и „Заев и Ципрас и понатаму за договорот за промена на името на Македонија“, се наслови на „Ал Џезаира“.
„Референдум во Македонија: Јасно е дека одлука не е донесена“, пишува сараевски „Аваз“, а еве уште неколку наслови од медиумите во Босна и Херцговина: „Противниците на промената на името на Македонија слават, Заев уште верува во победа“ („Кафе“); „Референдумот не успеа, следува одлука на парламентот или избори“ и „Јоханес Хан – очекувам лидерите да ја почитуваат референдумската поддршка“ (Н1). Бугарскиот “Труд“, пак, во насловот го цитира Столтенберг: „Вратите на НАТО остануваат отворени за Македонија“, „Политико“ пишува под насловот „Ниската излезност е удар за Владата на Заев и западните лидери“, а бугарски „Вести“ го имаат насловот „Повеќе од 90 отсто се за Северна Македонија, сега на ред се пратениците“.