Никој не смее да си игра со судбините на децата и на сите нас, најстоги казни за лажните дојави за бомби, вели Спасовски – ММС
ММС

Објавено на: 10/27/22 11:36 AM

Никој не смее да си игра со судбините на децата и на сите нас, најстоги казни за лажните дојави за бомби, вели Спасовски

Истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осум скопски средни училишта во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„ Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија, порача министерот Спасовски утрово во интервју на Националната телевизија.

Тој се осврна и на тоа дека пред неколку дена се случи лажна дојава за бомба во автобус на ЈСП „Скопје“, а сега се истото се случува и во училиштата.

„ Ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните, потенцира Спасовски.

Министерот повтори дека зградите на училиштата беа детално проверени од Одделот за антитероризам и е утврдено дека станува збор за лажни пријави.

Прашан околу санкциите кон сторителите, министерот Спасовски потенцира дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.