Министерството за здравство денеска почна пилот-иницијатива за телемедицина откако Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) обезбедија педесетина уреди за следење на здравјето од далечина кои ќе им овозможат на лекарите да вршат физички прегледи од далечина.
Уредите ќе им бидат обезбедени на ранливите семејства и ќе ги користат лекарите обучени за давање телемедицински услуги преку иницијативата за телемедицина поддржана од УНИЦЕФ и УСАИД.
„Иницијативата има за цел да обезбеди алтернативи на традиционалните здравствени консултации лице в лице во случаите кога физичкото присуство не е можно или не е потребно и да го зголеми правичниот пристап до здравствените услуги, соопшти УНИЦЕФ.
Лекарите со помош на уредите за следење на здравјето од далечина ќе можат да го прошират клиничкиот опфат надвор од четирите ѕида на клиниката. Тие ќе можат да вршат физички прегледи на пациентите од далечина за да дијагностицираат акутни состојби како што се: ушни инфекции, воспалено грло, треска, настинка и грип, алергии, стомачни проблеми, инфекции на горните дишни патишта и осипи. Една од клучните предности, како што се наведува, е следењето на хроничните состојби кај најранливите и контрола и следење на пациентите по спроведените процедури, вклучувајќи го и КОВИД-19.
„Во фазата на пилотирање, Министерството за здравство и Македонското лекарско друштво тесно ќе соработуваат со УНИЦЕФ за да го споделат искуството на лекарите од примарната здравствена заштита и пациентите од употребата на уредите. Ќе се собираат податоци за да се следи бројот на интеракции, испитувања, видот на дијагнози, возраста на пациентите и други мерливи показатели. Врз основа на споделените искуства, ќе се истражат можностите за проширување на иницијативата за да се обезбедат пристапни, соодветни, правични и висококвалитетни услуги за сите, а особено за најранливите, рече министерот за здравство Беким Сали.
Од УНИЦЕФ посочуват дека лекарите во земјата се служат со телефон или видео-конференции за да обезбедат телемедицински услуги, но тоа е ограничено на испитување и дијагностицирање на пациентот, без предноста што ја дава физичкиот преглед. Новите уреди за далечинско следење сега ќе им овозможат на лекарите да направат преглед на срцето и белите дробови на пациентот со висококвалитетни дигитални звуци; на ушите, грлото и кожата со висококвалитетни дигитални слики и видео; и да го измерат отчукувањето на срцето и телесната температура.
Набавката на уреди за далечинско следење е дел од пошироката поддршка на УНИЦЕФ на Министерството за здравство во справувањето со КОВИД-19 и во зајакнувањето на здравствениот систем преку дигитализација, со финансиска поддршка од Агенцијата за меѓународен развој на САД.