На отварањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во недела нема да присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски. Во Бугарија ќе оди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со партиска делегација, потврдија од партијата. Претходно и од Левица најавија дека таму ќе биде и нивниот лидер, Димитар Апасиев.
Пендаровски нема да оди на отворање на македонскиот клуб во Благоевград, не бил поканет .
„Ако го знаете соопштението на оние кои го организираат тоа, тие мене не ме поканија, иако тоа ме чуди, затоа што дел од тие луѓе кои ја отвораат таа спомен куќа или дом, затоа што тоа не е регистрирано според бугарските прописи и е приватна иницијатива, беа кај мене со ОМО Илинден заедно со други организации на Македонци од Бугарија,“ рече претседателот Пендаровски додавајќи дека тоа бил прв официјален прием на Македонци од Бугарија од осамостојувањето од Бугарија
Премиерот Ковачевски ја одби поканата од организаторите и нема да присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград.
Ќе бидам во Скопје, вели Ковачевски, но сепак, ги повика сите оние кои имаат можност в недела да бидат во бугарскиот град, бидејќи како што рече, отворањето културни клубови е начин на кој се зближуваат граѓаните, но и државите.
Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов за бугарскиот весник „24 часа“ изјави дека ниту издал дозвола, ниту забранил отворање на приватен македонски културен клуб. Тврди дека ако некој шпекулирал за неговото име и за градоначалничката институција, тоа било лага.
Повод за коментарот на градоначалникот на Благоевград е информацијата објавена од нерегистрираната ОМО „Илинден“ – ПИРИН дека отворањето на македонскиот клуб официјално го дозволил градоначалникот на градот, забележува „24 часа“.