Што ќе добие Македонија од пакетот за енергетска поддршка на ЕК, доаѓа лично Урсула фон дер Лајен да го презентира – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/22 9:48 AM

Што ќе добие Македонија од пакетот за енергетска поддршка на ЕК, доаѓа лично Урсула фон дер Лајен да го презентира

Денеска попладне се очекува во Македонија да пристигне шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Тука таа и официјално треба да ја започне нејзината турнеја низ земјите на Западен Балкан која ќе биде посветена на енергетската криза.

Според најавите, таа во 18:15 часот ќе биде пречекана пред платото на Владата од страна на владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Посетата на Фон дер Лајен, како што најавија претходно од ЕК, е во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.

Еден дел од помошта во областа на енергетската криза, како што најави Фон дер Лајен минатата недела од Стразбур, ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување енергенси со земјите од ЕУ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела најави дека пакет за енергетска поддршка од Европската комисија за регионот во вредност од една милијарда евра ќе биде презентиран неделава во Скопје од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

По посетата во Скопје, претседателката на ЕК ќе отпатува во Приштина и Тирана в четврток, Сараево и Белград в петок и Подгорица во сабота.

Инаку денес во посета на Македонија ќе престојува и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан Стјуарт Пич.

Целта на посетата е да се разговара за понатамошниот развој на односите меѓу двете земји, да се повтори силната посветеност на Обединетото Кралство на евро-атлантската интеграција на Северна Македонија и да се потврди посветеноста за зајакнување на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето со криминалот и корупцијата во земјата и регионот на Западен Балкан, соопшти Британска амбасада во Скопје.

Стјуарт Пич попладне заедно со министерката за одбрана Славјанка Петровска и британскиот амбасадор во Скопје Метју Лосон ќе присуствуваат на примопредавањето на донацијата од Обединетото Кралство која вклучува 14 мобилни единици за обука за припадниците на Армијата во урбана средина.