Припадниците на Армијата од ноември ќе добијат зголемување на платата во висина од 2.000 денари. Информацијата е потврдена на средбата што вчера беше одржана во Министерството за одбрана меѓу министерката Славјанка Петровска со синдикатите во Министерството и Армијата. Тоа значи дека со октомвриската плата која што ќе се исплати во ноември припадниците на Армијата ќе добијат покачување на основната плата од 2.000 денари.
„Армијата е гарант за безбедноста на секој граѓанин и затоа и за мене како министерка и за Министерството, унапредувањето на положбата на секој армиски припадник останува приоритет“, рече министерката.
Станува збор за сума за покачување на платите на припадниците на Армијата за која министерката Петровска и претставниците на Синдикатите во Министерството и Армијата преговараа и постигнаа согласност во пресрет на усвојувањето на Законот за служба во Армијата.
На средбата на која со министерката Петровска и претставниците на синдикатите разговараа и претседателот на ССМ, Дарко Димовски и советникот на премиерот за одбрана, Драган Василевски, беше потврдена заедничката заложба за понатамошно периодично зголемување на платите што ќе допринесе за понатамошно зголемување на стандардот на припадниците на Армијата.