Ќе остане зимското сметање на времето, Владата така ќе штеди на електрична и топлинска енергија – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/22 7:24 PM

Ќе остане зимското сметање на времето, Владата така ќе штеди на електрична и топлинска енергија

Владата, на денешната седница заклучи да се пристапува кон примена на зимското сметање на времето, како што се применуваше и досега. Овој заклучок е донесен согласно сите анализи на Информацијата од Министерството за економија, во врска со можноста за продолжување на примената на летното сметање на времето.

– Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија, информираат од Владата.

Како што пренесува владината прес служба, според информациите од Министерството за економија проценката е направена во соработка со Министерство за финансии, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за електронски комуникации, Биро за метрологија, Стопанска комора на Северна Македонија, Управа за хидрометеоролошки работи, Стопанска комора на северозападна Македонија и Економскиот факултет – Скопје.