Октомври на глобално ниво се одбележува како месец посветен на подигање на свеста за ракот на дојка, како болест која ѝ се случува на една од осум жени.
Во текот на овој месец, ширум светот се спроведуваат низа кампањи со кои се укажува на предизвиците пред кои се исправени не само пациентите, туку и нивните семејства, а и јавните здравствени системи воопшто. Македонски медиа сервис досега ви ги пренесе животните приказни на повеќе дами кои се избориле со оваа болест, но денес зборуваме за улогата на физиотерапевтите во третманот на жените со рак на дојка.
Како изгледа рехабилитацијата по дијагнозата карцином на дојка и зошто е важна лимфната дренажа кај пациентките, се само дел од прашањата на кои одговори физиотерапевтот Илија Жежов.
Оток, болка, изнемоштеност и омалаксаност на целото тело се само дел од симптомите на кои се жалат пациентите по оперативен зафат од карцином на дојка – вели физиотерапевтот Илија Жежов, кој неколку години од својата работа ги посветил на овој проблем, работејќи во неколку центри.
Тој потенцира дека кај одредени пациенти, при самата операција се отстрануваат и лимфните жлезди.
„При самото утврдување на дијагностиката, анализите и стадиумот на карциномот хирургот прави проценка кај некој пациенти и да се отстранат лимфните жлезди, но кај некои и не. Сепак, најчесто отстранувањето на лимфните жлезди зависи од состојбата на пациентите и од самиот стадиум на карциномот, доколку хирургот смета дека е најдобро и има потреба да се отстранат лимфните жлезди тоа оди во постапката на хирушката интервенција“, додава Жежов.
Физиотерапевтот објасни и како изгледа лимфната дренажа која се прави кај овој тип онколошки пациенти потенцирајќи дека всушност овој тип дренажа има доста голема улога со методологија на дренирање по самата лимфа.
„Оперативниот зафат од карцином на дојка најчесто после операцијата бара и интервенција од стручна рехабилитација со дипломиран стручен и сертифициран физиотерапевт, физиотерапевт за работа со стручна обука за рачна лимфна дренажа. Лимфната дренажа е масажа која има доста голема улога со методологија на дренирање по самата лимфа. Ваквиот вид на масажа е признат и од Светската здравствена организација (СЗО) како посебна техника на масажа број еден која се применува кај пациенти заболени од карцином, но и кај други посериозни заболувања со мускуло-слекетната состојба“, вели Жежов.
Тој нагласува дека по отстранувањето на дојката кај пациентките со карцином, најчесто се прави рачна лимфна дренажа-масажа која се работи со техника на дренажа по лимфниот систем.
„Дренажата се работи по лимфните патишта така што на тој начин се подобрува циркулацијата, се намалува и отстранува формираниот оток каде се собира лимфата. Масажата треба да се работи два до три пати неделно во времетраење од 45 до 60 минути“, додава Жежов.
Во современата физиотерапија веќе има и апарати за лимфна дренажа, наменети токму за овие пациенти, па го прашавме Жежов дали тоа значи дека постепено дренажата преку масажа веќе се „исфрла“ или можеби подобро е да се комбинираат двата методи?
„Согледано од стручен аспект денес постојат многу начини, техники и примени на работа со терапии кој предвидуваат вакви,такви или онакви методи за работа. Но од искуство, стручност и долгогодишна професионална работа според мене најдобро е пациентите да бидат третирани по мануелен пат на рачна лимфна дренажа, бидејќи рачната лимфна дренажа има три пати поголем ефект од ефектот со апаратура. Од важен аспект што пациентите треба да го знаат и имаат на ум е дека после оперативен зафат од карцином на дојка не се препорачува и ординира физиотерапија со апаратура, терапијата и аплицирањето на истата терапија треба да биде по рачен мануелен пат“, истакна физиотерапевтот.
Тој потенцира дека кога една личност се соочува со ваква болест, болките и отоците може да се јават не само на рацете, туку и по целото тело. Сепак, тој смета дека освен пропишаната терапија од лекар, лимфната дренажа и благи вежби за раздвижување на целото тело, како друг протокол на терапија не се препорачува да се ординира, сѐ со цел да не дојде до оптеретување или влошување на состојбата кај пациентите.
Тој апелира до пациентите кои имаат потреба од ваков тип лимфна дренажа, да го третираат проблемот според план, програма и протокол утврдени од физиотерапевт и додава дека рехабилитацијата вообичаено трае од 12 дена до 21 ден.
За крај, тој порачува пациентите да бидат внимателни кај кого се обраќаат за стручна помош.
„Секогаш тоа да биде испитано врз база на мислење, препорака или совет од други медицински лица што веќе знаат за кого станува збор и виделе ефект од лицето за кое е дадено позитивно мислење дека придонело во лекувањето после хирушка интервенција кај карцином на дојка. Физиотерапевтот што ќе ја спроведува физио-лимфната дренажа мора да биде посебно стручно обучен за ваквиот начин на работа сѐ со цел правилно, стручно и професионално да ја спроведе терапијата кај пациентите“, заклучува Жежов.
Вања Мицевска