Тупанчевски-Постојат инструменти за докажување и откривање на состојбата на незаконски стекнатиот имот, се подготвува и нов закон – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/22 1:49 PM

Тупанчевски-Постојат инструменти за докажување и откривање на состојбата на незаконски стекнатиот имот, се подготвува и нов закон

Министерот за правда Никола Тупанчески денеска изјави дека постојат инструменти и механизами за докажување и откривање на состојбата со незаконски стекнатиот имот. Очекува во најскоро време да биде готова првата драфт верзија на Законот за потекло на имот.

„Очекувам во најскоро време да бидеме и ние, како Министерство за правда, не само запознаени, туку и да го дадеме својот придонес во официјална смисла на зборот тој закон што поскоро да биде донесен. И понатаму одговорно тврдам дека освен тој закон, во моментов постојат инструменти и механизами за докажување и откривање на состојбата на незаконски стекнатиот имот,“ истакна Тупанчески.

Посочи дека предметите се поврзани со рокови и дека тие рокови треба да се почитуваат.

„ Доколку се утврди субјективна одговорност дека предметите застаруваат и не се постапувало по нив, постојат различни форми на одговорност. Така што, треба да ставиме точка на ерата дека практично предметите фигуративно се во фиока и тоа е направено од субјективни причини. Јас верувам дека овој период е ветувачки дека ќе стигнеме до она што се нарекува европска вредност, а тоа е ефикасно и ефективно судство и обвинителство,“ рече Тупанчевски.

ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со нови детали од аферат „Тајни имоти“. Според соопштението на партијата тие  се кријат градежни фирми, станови, куќи и скапи возила.

„Функционерите кои кријат имот преку бледи соопштенија се обидоа да ја извртат вистината, но заборавија дека со секој напад само потврдуваат дека СДС крие имот. Аферата „Тајни имоти“ откри дека СДС и Димитар Ковачевски именувајќи ги овие лица на државни позиции, кријат имот вреден 30 милиони евра,“ се вели во соопштението.