Ќе се распределуваат социјалните станови во Свети Николе, идниот вторник ќе се распише јавен повик – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/22 1:26 PM

Ќе се распределуваат социјалните станови во Свети Николе, идниот вторник ќе се распише јавен повик

Во вторник наредната недела ќе се распише јавен повик за распределба на социјални станови во Свети Николе, најавија денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие стопанисување за деловен и станбен простор, Зоран Ѓеоргијев.

„Зградата брои 48 станбени единици и ќе биде дом за исто толку социјално ранливи семејства од оваа општина.На јавниот повик можат да аплицираат шест категории граѓани и тоа, деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители,корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост,лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите и самохрани родители со малолетни деца, рече денеска Бочварски, при увидот на зградата.

Огласот ќе трае 30 дена а освен на веб страната на Министерството за транспорт и врски, и ќе биде објавен и во Центарот за социјални работи во Свети Николе.

Директор Ѓеоргијев истакна дека објектот се состои од приземје, четири ката и поткровјe, со вкупна станбена површина од 1997,43 метри квадратни и дополнително со 48 подруми, а становите се со површина од 35 до 47 метри квадратни. Вкупната инвестиција изнесува 84.298.137 денари. Посочи дека досега се изградени 22 вакви објекти, во завршна фаза се во Демир Капија и Неготино, а во изградба се во Бутел, Дебар, Кочани и Сарај. Планирана е и изградба на нови социјални згради во Пехчево, Прилеп и Штип.