За уставните измени политичките партии треба да седнат на маса и да разговараат за да може да се дојде до прифатливо решение, смета премиерот Ковачевски. Според него, веќе сите политички партии, имале позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои биле изрично против.
„Сите политички партии да ги кажат своите претпоставки и својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое би било нормално прифатливо за сите, изјави Ковачевски,“ по изјавите од Алијанса за Албанците и Беса формулацијата „20 проценти во Уставот да се замени со „албански јазик“.
Прашан дали ќе седне на разговори и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, премиерот истакна дека е нормално да има средба со лидерите на сите политички партии секогаш кога ќе има прашање од интерес за сите граѓани.
Премиерот вели дека нема никакви сознанија за аферата што ја објави вчера ВМРО-ДПМНЕ за тајни имоти на владини функционери, но порача се што имаат како индикации да го достават до Антикорупциската комисија.
„ Секој функционер е должен се она што има стекнато во текот на својот живот да го пријави во својот анкетен лист исто како што сум направил јас,“ рече премиерот Ковачевски.