Опожарени два стана во зграда во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 10/23/22 8:20 PM

Опожарени два стана во зграда во Штип

Вечерва по 18.30 часот во зграда на улицата „Широк дол“ во Штип се запали стан, што брзо се прошил кон соседниот дом.

Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, огнот е изгаснат.

Според очевидците на настанот, неколку станари кои вдишале чад, имале тешкотии со дишењето, поради што била повикана и екипата на Итната помош.

-Беше страшно да се гледа. Луѓето брзо истрчаа од своите домови и излегоа пред зградата. Брзо дојдоа и пожарните и амбулантното возило. Изнесоа едно дете со маска за кислород, рече еден од насобраните очевидци пред зградата.

Огнот избил од стан на повозрасна жена, која живее сама. Сопственичката не е повредена и била надвор кога огнот се разгорел. Се работи за поголема зграда, која има три влеза.

-Пожарот се случи во 18.30 часот, по што пристигнавме со три возила. Повредени нема, останува да се евакуираат уште двајца станари, кои одбиваат да излезат. Но, ќе мора да евакуираме сите станари за комплетно да ја средиме хаваријата во зградата, изјави Дарко Коцев, командир на ТППЕ.

Причините за избувнување на пожарот, како што рече Коцев, дополнително ќе бидат утврдени.

Зградата и околните места и сега се без електрична енергија, до целосно гаснење на пожарот.