Остануваат главните недостатоци на затворскиот систем – лош систем на управување и учинокот на вработените, недостиг на кадар, лош квалитет на здравствена грижа за осудените лица, насилство меѓу осудените лица, бедни материјални услови, недостиг на наменски активности и ендемска корупција, нотира Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија.
ЕК нагласува дека има Стратегијата за развој на казнено-поправниот систем 2021-2025, но потенцира дека за нејзина целосна имплементација потребни се средства, дополнителен кадар и политичка посветеност. ЕК забележува дека била формирана меѓуресорска група за следење и оценување на спроведувањето на Стратегијата.
Дополнителна загриженост, која ја нотира ЕК е пренатрупаноста на затворите. Според податоците од март 2022 година станува збор за 2.462 осудени и приведени лица. Приоритет треба да биде реновирањето на најзапуштената зграда во Идризово, согласно пепораките на европскиот Комитетот за превенција на тортура, а за професионалноста на менаџирањето на затворите потребно е назначувањето на директорите, вклучувајќи ги оние кои се в.д. да биде исклучиво врз основа на Законот за извршување санкции од 2019 година.
Потребно е продолжување на редовните контроли на затворите. Како проблем, кој постојано се повторува е нотирана корупцијата во затворите, која во извештајот го доби епитетот ендемска. Во документот на ЕК се споменува дека во февруари оваа година е усвоен годишен план за борба против корупцијата и тоа треба да се спроведе.
Забележано е дека по усвојувањето на програмата за почетна и континуирана обука и специјализација на службеници, конечно профунционирал затворскиот тренинг центар во Идризово и се организираат обуки за нововработените.
И натаму проблем е недостигот од здравствена заштита и соодветни мерки за лекување на зависноста од дрога во затворите, што останува прашање на сериозна загриженост и нешто што треба да го реши Министерството за здравство.
Северна Македонија треба итно да работи на прашањето што постојано се провлекува околу неадекватните притворски услови во затворите, полициските станици, како и установи за социјална грижа и психијатриски установи, согласно препораките од последниот извештај на КПТ.
Во 2021 година, Националниот превентивен механизам изврши 33 посети во полициски станици, затвори и воспитно-поправни установи, како и во места каде се сместени или притворени странци и баратели на азил.
Прашањата наведени во текот на минатите години остануваат отворени, особено оние поврзани со недостиг на информации и пристап до адвокат во полициските станици, како и недостиг на соодветна здравствена грижа во затворите. Иако инфраструктурата е реновирана и доставена е медицинска опрема до голем број затворски установи, сепак притворските услови во делови од казнено-поправната установа Идризово и други установи во рамките на затворскиот систем се нечовечки.
ЕК потенцира дека Северна Македонија треба да ги спроведе препораките од европскиот Комитет за превенција на тортура (КПТ) објавени во 2021 година.
Во 2021 година затворите поднеле 112 извештаи околу употреба на средства на принуда против осудени лица до Управата за извршување на санкции, од кои 27 случаи се однесуваа на употреба на физичка сила, што доведе до инспекции. Во еден случај беше утврдена употреба на физичка сила во затворот Идризово, но затворот не поднесе извештај до Управата за извршување на санкции. Соработката со граѓанските организации во искоренувањето на несоодветното постапување продолжило во текот на периодот на извештајот.
Надворешниот механизам за надзор врз полицијата, вклучително и за затворската полиција, се уште не е целосно функционален, забележува ЕК, додавајќи дека Собранието се уште ги нема избрано претставниците од трите граѓански организации. Мора да се решат прашања од минатото што влијаеле врз ефективното учество на претставници од граѓанското општество, вклучително и продолжување на нивниот едногодишен мандат, нагласува ЕК.
Во 2021 година, механизмот за граѓанска контрола на Народниот правобранител постапил по осум претставки, две против полициски службеници и шест против припадници на затворската полиција, што претставува намалување од претходната година, кога постапувала по 21 претставки.
Поднесе едно барање до Јавното обвинителство за покренување на постапка за утврдување кривична одговорност, наспроти десет слични барања во 2020 година. Ова доведе до постапување по предмет пред Основниот кривичен суд Скопје за малтретирање при вршење на должност од страна на полициски службеник.
Во 2021 година, соодветното одделение во Јавното обвинителство отвори 91 нови случаи (кривични пријави) против 213 лица со полициски овластувања или припадници на затворската полиција кои се осомничени за извршување на кривични дела.
Како резултат на истрагите, 33 лица беа обвинети, беа поднесени 20 предлог-обвинителни акти и беа изречени првостепени пресуди против 50 лица (шест затворски казни, 36 условни казни, четири глоби и четири ослободителни пресуди) во 2021 година.
-Има потреба од засилено подигнување на свеста околу надворешниот механизам за надзор врз полицијата за да се постигне добро разбирање на системот. Сите пријавени случаи мора да се истражат без одлагање, а заштитните механизми против несоодветно постапување од страна на полицијата мора систематски да се спроведат. Во 2021 година, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во рамките на Министерството за внатрешни работи постапуваше по 63 претставки околу употребата на прекумерна физичка сила од страна на полициски службеници (65 претставки во 2020 година), од кои 19 беа утврдени дека се неосновани, а кај 40 недостасуваа докази. Беа поднесени три кривични пријави за несоодветно постапување при вршење на должност и беше поднесено едно известување до Јавното обвинителство, се наведува во извештајот на ЕК.
Процесот на враќање во општеството на лицата, кои ја отслужиле затворската казна треба да се реализира преку меѓуинституционална соработка меѓу затворите и пробациската служба.
Пробацискиот систем продолжува да се развива, а бројот на случаи се зголемува, нотира ЕК. Во 2021 година евидентирани се 451 пробациски случај (276 во 2020 година), од кои повеќето се општокорисна работа, условни казни со заштитен надзор и надзор за условен отпуст.
Потребно е продолжување на соработката и меѓу јавниот и приватниот сектор и граѓанското општество, како и меѓуагенциската соработка. Подобрена е и координацијата меѓу пробациските службенци, судиите, јавните обвинители, затворскиот персонал и други институции пред ослободувањето на осуденикот и тоа треба да продолжи, како и подигнувањето на свеста за придобивките од условната казна.
ЕК нагласува дека не е постигнат напредок во однос на усвојувањето на измените на законската рамка за зголемување на употребата на алтернативните казни и алтернативни процедури. Овие мерки, нагласува ЕК, се неопходни за да се подобри ресоцијализацијата и рехабилитацијата на осудените лица, со што ќе се намали ризикот од повторување на кривичното дело, вклучувајќи ги тука и малолетниците.
МИА