(видео)Борис Трајковски со најголем рејтинг меѓу претседателите, Пендаровски со поддршка од сите етнички групи – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/22 5:24 PM

(видео)Борис Трајковски со најголем рејтинг меѓу претседателите, Пендаровски со поддршка од сите етнички групи

Надворешната политика и одбраната на Македонија во изминатите 30 години од граѓаните доби оценка „доволен 3 “. Така покажува истражувањето на јавното мислење- 30 години надворешна политика и одбрана на Конрад Аденауер, чии автор е професорот Александар Спасеновски.

Една од клучните надлежности на претседателите на државата се токму надворешната политика и одбраната и граѓаните во истражувањето биле прашани и околу личностите кои изминатите 30 години меѓудругото ја водеја надворешната политика и одбраната.

„Граѓаните највисоки оценки им даваат на Борис Трајковски и Киро Глигоров како личности за кои сметаат дека најдобро се грижеле за надворешната политика и одбраната а додека слаби оценки им даваат на останатите претседатели. Во согласност со скалата за рангирање, највисока оценка има Борис Трајковски-4,28, потоа Киро Глигоров со средна оценка 4,1, Бранко Црвенковски-3,2, Ѓорге Иванов-3,1 и Стево Пендаровски -2,8.Тука мора да се напомене дека мандатот на актуелниот претседател Стево Пендаровски се уште не е завршен  и впечатоците на граѓаните не се конечни и во таа смисла оваа оценка  треба да ја сфатиме како еден просек од досегашната политика на овој план,“ кажа при гостувањето во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77, професорот Спасеновски.

Во однос на претседателите, додава, интересен е примерот со претседателот Пендаровски.

„ За разлика од другите политичари во државата кои најголем дел од базата за својот рејтинг ја црпат во етничката заедница во случајот со Пендаровски, имаме приближно идентична поддршка и од македонскиот народ и од припадниците на албанскиот народ како и другите етнички заедници, што навистина претставува една особеност којашто треба да се истакне и е во прилог на неговата улога како личност што се протега над етничките и политичките поделби во земјата,“ вели Спасеновски.

Беше испитувано и мислењето на испитаниците за тоа кои држави ги сметаат дека се наши пријатели, а кои дека се наши непријатели. Прашањата биле од отворен тип, односно немале однапред понудени одговори. Во однос на прашањето која држава е наш најголем сојузник 37,4 отсто сметаат дека тоа е Србија, 24,1 процент изјавиле дека немаат одговор. Додека 19,8 проценти изјавиле дека сметаат дека тоа се САД. Во однос на тоа која држава е нашиот најголем непријател пак 44 отсто од испитаниците изјавиле дека сметаат дека тоа е Бугарија, 29,3 проценти изјавиле дека не знаат. Додека 12,1 процент изјавиле дека за нив тоа е Русија.

„Европските интеграции и членството во НАТО во континуитет имаат висока поддршка од страна на граѓаните. Така се покажа и во ова истражување. Имено 62,8 проценти од испитаниците изјавиле дека се за тоа нашата држава да биде дел од ЕУ. Иако можеме да забележиме дека овој процент е се уште многу висок, сепак споредено со првите две децении од независноста можеме да забележиме одредени поместување во негативна насока. Од одговорите на испитаниците се гледа зголемен песимизам. Но, песимизмот не произлегува од карактерот на ЕУ или од незадоволството од начинот на нејзиното функционирање, туку сметаат дека тоа е резултат на континуираните пречки и застои што нашата држава ги има низ годините во однос на оваа стратешка цел Главно како резултат на билатерални проблеми.

65.7% од испитаниците го поддржуваат проектот „Отворен Балкан, додека 15% не го поддржуваат, што значи дека за 50.7% е поголем бројот на испитаниците што ја поддржуваат оваа форма на поблиска соработка помеѓу Македонија, Албанија и Србија.

На прашањето кога сметате дека Македонија ќе се зачлени во ЕУ, 28% од испитаниците изјавиле дека тоа нема да се случи никогаш, што претставува најбројната група, додека 23.7% својот песимизам го манифестирале преку одговорот дека не знаат кога ќе се случи тоа, односно дека немаат одговор.

„ Сепак на крај кога ќе ги прашате граѓаните-Дали си ја сакаат државата и дали се задоволни од неа, со сите разочарувања, луѓето си ја сакаат државата и сакаат таа да успее, на што се должи и оценката „3“.Луѓето сакаат оваа држава да успее, да напредува ,“ изјави Спасеновски при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.