„Макфест“ за 2Бона е можност да се промени шаблонот – ММС
ММС

Објавено на: 10/19/22 7:14 PM

„Макфест“ за 2Бона е можност да се промени шаблонот

„Макфест“ го гледаме како можност да се промени шаблонот – велат од трап дуото 2Бона во пресрет на фестивалот на кој ќе учествуваат викендов, на првата фестивалска вечер.

Дека „Макфест“ се менува и модернизира докажува токму и учеството на Марио Јелиќ и Антонио Стојановски, милениците на новата генерација кои создаваат музика која е инспирирана од современите светски трендови.

– Треба модерната музика да се вклучи овде и ние ова го гледаме како една платформа каде можеби ќе отвориме пат во иднина модерни, помлади артисти да се натпреваруваат таму, вели Јелиќ.

За песната „Илузија“ со која ќе се претстават на „Макфест“ тој вели дека ја имале во демо верзија претходно, но ја завршилле со сите финеси за фестивалот. За спот како што рече се уште не одлучиле што сакаат да прават.

На прашањето дали остануваат на ставот да пејат на кирилица, Јелиќ вели дека секогаш се доследни на тоа и оти ја промовираат Македонија на највисоко ниво, секаде каде што можат.

Освен во државава дуото стана актуелно и во регионот по соработките со балканските ѕвезди. Откако објавија нов албум годинава, Јелиќ најавува дека работат на нови песни.

– Имаме соработки, а имаме и уште еден албум кој е скоро готов. Ова е тоа што сакаме да го правиме и секогаш ќе имаме муниција од песни, вели Јелиќ.