Музиката е љубов што не умира – По речиси 20 години Дарко Андонов се враќа на „Макфест“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/22 3:28 PM

Музиката е љубов што не умира – По речиси 20 години Дарко Андонов се враќа на „Макфест“

Музиката е љубов што никогаш не престанува, па колку и да се оддалечиш од неа секогаш се враќаш назад. Често пати го слушаме ова од уметниците, а овојпат дека тоа е вистина докажува пејачот Дарко Андонов кој по речиси 20 години се враќа на музичката сцена. Интересно е што новиот почеток ќе му биде онаму каде што започнал и пред многу години, на култниот фестивал „Макфест“.

Неговото прво искуство на овој фестивал е во далечната 2002 година на само 18 години кога настапи со композицијата „Песна љубовна“ со која го освои третото место. Две години подоцна, во 2004 учествуваше со композицијата „Брод за нас“ која му го донесе второто место. Сега по речиси 20 години, „трета среќа“ ќе му биде композицијата „Јас доаѓам“, која ја работеа заедно со неговите сограѓани, штипското хип-хоп дуо „Како браќа“.

Учеството на 37. издание на „Макфест“ Андонов вели дека се случило спонтано. Со „Како браќа“ поинтензивно работеле на музика уште од пред некои осум месеци, па едноставно бил вистински момент да се роди нова соработка.

– Со „Како браќа“ имавме снимено рефрен уште пред некои пет-шест месеци и го видовме огласот кој беше објавен за „Макфест“ и решивме да ја пуштиме песната. Убеден сум дека ова е добра песна и ќе биде доста слушана, вели Андонов за новата песна.

Со „Како браќа“е сигрурен дека нема да застанат овде, туку сакаат да покажат дека она што го работат е квалитетно и ќе биде препознаено од македонската публика. Крајната цел е да компонираат, да создаваат сопствена музика, која млади изведувачи ќе ја презентираат пред публиката.

– Со „Како браќа“ ние како вокали имавме две песни во периодот 2004-2005 година. Тоа беа доста добри песни, но сметам дека беа пред времето и не се посветивме доволно за да ги испромовираме и да бидат големи хитови. Сега се враќаме повторно и работиме на минимум седум – осум нови песни, за кои се надевам дека ќе најдеме добри вокали за да ги изведуваат. Дел од песните можно е да бидат и наша соработка повторно, но околу 80-90 посто од новите песни планот е да бидат испејани од други изведувачи, вели Андонов.

На прашањето зошто се враќа по толку години, тој вели дека инспирацијата кај него се вратила со купување на аудио картица која е основа за снимање во студио. По долго време работа во банка, а потоа и во своја компанија која нуди консултантски услуги за финансии и сметководство, Андонов вели дека дошло времето да се врати на она што му е прва љубов, па сега има и свое музичко студио.

Андонов и „Како браќа“ ќе настапат на втората фестивалска вечер, на 22 октомври.