Играње со достоинство! Кој ги натера мигрантите да се соблечат голи? – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/22 1:53 PM

Играње со достоинство! Кој ги натера мигрантите да се соблечат голи?

Според сведоштвата на мигрантите, биле ограбени, физички нападнати, но било навредено и нивното достоинство од турските власти, кои со закани и насилство ги принудиле да ја преминат реката, пишува министерот за заштита на граѓаните на Грција Такис Теодорикакос.

Тој ова го наведува во писмото до комесарката за внатрешни прашања на ЕУ Илва Јохансон и до неговите 27 колеги од Унијата во врска со случајот со групата од 92 мигранти кои во петокот, грчките власти и Фронтекст ги пронајдоа целосно голи и ги спасија кај Еврос, во близина на границата со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Надлежниот министер, преку писмото информира за „трагичниот инцидент на грчко-турската граница“, но и за „уште една провокативна и нехумана постапка од Турција“.
-Утрото на 14 октомври во 9 часот, полицајците од граничната стража на неколку метри од коритото на реката Еврос, пронашле целосно голи 78 нелегални мигранти. Во 10:30 часот уште 14 лица исто така голи, биле откриени на истото место. Грчките полицајци претходно ги виделе како со пластични чамци влегуваат во Грција од турската страна на реката Еврос. Вкупно, беа откриени 92 нелегални мигранти (61 државјанин на Авганистан, тројца државјани на Иран, четворица државјани на Мароко, тројца државјани на Бангладеш и петмина државјани на Пакистан, меѓу кои и шест деца), пишува Теодорикакос во писмото.
Посочува дека самите мигранти рекле дека со турски возила биле пренесени до реката Еврос пред да се качат во чамците.