Модерна музика во тек со современите светски трендови – вака го коментираат новиот концепт на „Макфест“, општината која е организатор и уметничкиот совет на фестивалот. Согласни се дека времињата се менуваат, па со нив мора да се менува и фестивалот и да ја врати слушаноста на песните изведени на штипската сцена. За тоа дали ќе биде успешен воведениот нов концепт, велат ќе се знае следната година, а победникот ќе произлезе од слушаноста меѓу двата фестивала.
– Идејата за промената на концептот произлезе во комуникација со луѓето кои се вклучени во уметничкиот дел и организацијата. Идејата е да добиеме фестивал прилагоден на новото време во кое живееме. Последните години ние не ги коментираме победниците на „Макфест“, туку ги паметиме мелодиите испеани овде, вели градоначалникот Јорданов.
Коментирајќи го фактот дека многу песни испеани на „Макфест“ се уште се вртат по нашите радио станици и се евергрини, а поретко се случува песни од претходните години да доживеат голема слушаност, уметничкиот директор на фестивалот, Роберт Саздов, вели дека ова се случува поради тоа што програмите генерално се прават од луѓе кои се „носталгични“.
– Друг аспект е тоа што сите радиостаници од пред извесно време имаат доста модерен концепт и пуштаат речиси две третини странска музика. Знаејќи го сето тоа, со Јован воопшто немавме дилема каков да биде концептот на овој фестивал, за да може таа музика да се вклопи во програмата на сите радиостаници. Ако понудите музика која е одлична и со време ќе сфатат сите дека тоа е добра песна, но ако таа музика не се вклопува во моменталниот концепт на некоја радиостаница, ќе биде многу малку пуштана. Ова е обратно, сите песни ќе бидат многу добро вклопени во програмата која сега оди по радиостаниците, вели Саздов.
Дека „Макфест“ ќе ги следи трендовите потврдува и членот на уметничкиот совет, пејачот Јован Јованов. Тој вели дека е голема храброст што општината прифатила вакви големи промени за овој фестивал и се заблагодари за поддршката што ја имал уметничкиот совет.
– Мислиме дека ќе направиме еден фестивал и песни кои ќе обележат едно ново време, песни кои во иднина ќе се слушаат како што се слуша и мојата „Магија“ од пред 20 години и дека ќе остават впечаток за после десетина години да се сеќаваме на овој „Макфест“, вели Јованов.
Новитет годинава е тоа што прв пат „Макфест“ нема да биде такмичарски и ќе биде без награди. Публиката првата фестивалска вечер ќе одбере шест композиции кои ќе учествуваат на втората, ревијална вечер. Од општината велат дека со ова е со цел да добијат поквалитетна музика, а Јованов вели дека музиката е работа на вкус и фестивалот е промоција на убава музика, а не трка.
– Не можеме да ги ставиме во иста класификација и такмичење Два бона и Ален Исламовиќ, ниту пак Тамара со Пајак или било кој млад артист. Сите се добри на свој начин, вели Јованов.
Фестивалот ќе се одржи на 21 и 22 октомври годинава, а ќе има 24 учесници. Картите можат да се купат на mktickets по цена од 600 денари за вечер, а блок карта за двете фестивалски вечери ќе чини 800 денари.
Инаку за потсетување годинава Општина Штип го организира фестивалот со општински сретства откако Министерството за култура го вброи „Макфест“ во трета категорија и одвои само 400 илјади денари, кои беа одбиени од општината. Градоначалникот Јорданов информираше дека „Макфест“ ќе биде организиран со буџет од шест милиони денари, пет од нив се од општината, а еден милион од спонзори.
– До пред две – три години Министерството за култура доделуваше на сите фестивали по 2,5 милиони денари. Тоа е сума која е солидна, имајќи предвид ако за еден фестивал требаат околу 100 илјади евра, тоа е една третина од сретствата. Постапката на Јорданов ја оправдувам, едноставно 400 илјади денари не бркаат работа и нема потреба да се понудат, вели уметничкиот директор Саздов, кој потенцира дека ниту еден фестивал не треба да биде рангиран во трета категорија и додава дека сето она што промовира македонска уметност, музика и духовно не смее да биде рангирано на ваков начин.