Откако нејзината либертаријанска економска политика предизвика финансиска криза и итна интервенција на централната банка, британската премиерка Лиз Трас сега се соочува со бунт во сопствената партија што може да ја чини функцијата.
Кога Лиз Трас се кандидираше за премиер на Велика Британија ова лето, еден сојузник предвиде дека нејзините први недели на функцијата ќе бидат турбулентни. Сепак, малкумина беа подготвени за волку врева и бес – најмалку Лиз Трас. За само шест недели, либертаријанската економска политика на премиерката предизвика финансиска криза, итна интервенција на централната банка, бројни пресврти и разрешување на нејзиниот министер за финансии, посочува агенцијата Асошиетед прес, пренесува Вијести. Сега Трас се соочува со бунт во владејачката Конзервативна партија што сериозно го загрозува нејзиното останување на функцијата.
Конзервативниот пратеник Роберт Халфон вчера налутено рече дека во изминатите неколку недели „следат хорор приказни една по друга“. „Владата изгледа како либертаријански џихадисти и ја третира целата земја како некој вид лабораториски глушец врз кој може да спроведе експерименти на ултра, ултра слободниот пазар, изјави тој за Скај Њуз.
Сепак, не може да се каже дека конзервативците не биле предупредени, посочува АП и додава дека летово, пред гласањето за лидер на партијата, Трас себеси се нарече „нарушувач“ која ќе ја доведе во прашање „ортодоксната“ економија. Таа вети дека ќе ги намали даноците и бирократијата и ќе го поттикне растот на забавената британска економија.
Нејзиниот ривал, поранешниот министер за финансии Риши Сунак, тврдеше дека би било несовесно веднаш да се намалат даноците поради економските шокови предизвикани од пандемијата и војната во Украина.
Сепак, 172.000 членови на Конзервативната партија – кои се главно постари и побогати – ја претпочитаа визијата за раст презентирана од Лиз Трас. Таа освои 57 отсто од гласовите и на 5 септември стана лидер на владејачката партија. Следниот ден, таа беше назначена за премиер од страна на кралицата Елизабета Втора, во една од нејзините последни должности пред да почине на 8 септември.
Првите денови на Лиз Трас како премиерка беа засенети од националната жалост поради смртта на кралицата. Потоа, на 23 септември, министерот за финансии Кваси Квартенг го објави економскиот план што тој и Трас го подготвија. Вклучуваше 45 милијарди фунти даночни намалувања – вклучително и даночни намалувања за оние кои заработуваат најмногу – без придружна проценка за тоа како владата ќе плати за тоа.
Трас всушност го направи она што таа и нејзините сојузници го најавија. Шефот на Либертаријанскиот истражувачки центар, Марк Литлвуд, предвиде дека летово ќе има „искра“ бидејќи новиот премиер инсистира на економски реформи со „апсолутно вроглава брзина“. Сепак, обемот на објавата ги изненади финансиските пазари и политичките експерти.
– Многумина од нас погрешно очекуваа таа да забави по победата, како што прават многу претседатели, изјави за АП Тим Бејл, професор по политички науки во Лондон. – Сепак, таа не го направи тоа. Таа навистина мислеше сè што зборуваше“.
Фунтата падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар, а трошоците за задолжување на државата се зголемија. Банката на Англија беше принудена да се вклучи за да купи државни обврзници и да спречи финансиската криза да се прелее во пошироката економија. Централната банка, исто така, предупреди дека каматните стапки ќе треба да се зголемат уште побрзо од очекуваното за да се запре инфлацијата, која се движи на околу 10 проценти, оставајќи милиони сопственици на имоти да се соочат со зголемен хипотекарен долг.
Џил Ратер од Институтот за влада рече дека Трас и Квартенг направиле серија „неиспровоцирани грешки“ во нивниот економски пакет. „Тие не требаше толку јасно да го покажат својот презир кон финансиските институции“, рече таа. „Мислам дека можеа да ги следат советите. Мислам и дека една од работите каде што згрешија е што најавија еден дел од пакетот, намалување на данокот – без трошење, што би било другата страна на равенката“.
Како што реакцијата стануваше посилна, Трас почна да исфрла делови од пакетот во обид да ги смири партијата и пазарите. Даночните намалувања за оние кои заработуваат најмногу беа напуштени за време на годишната конференција на Конзервативната партија кога партијата се побуни. Тоа не беше доволно. Во петокот, Трас го разреши Квартенг, нејзиниот долгогодишен пријател и сојузник, и го назначи Џереми Хант, кој беше секретар за здравство и министер за надворешни работи во конзервативните влади на Дејвид Камерон и Тереза Меј.
Премиерката на кратката прес-конференција призна дека дејствијата на „нашиот мини-буџет отишле подалеку и побрзо отколку што очекуваа пазарите“. Таа го промени планираното намалување на корпоративниот данок, со цел да ги „воведе пазарите во нашата фискална дисциплина“.
Трас останува премиер по функција, но владината моќ се префрли на Хант, кој навести дека планира да укине голем дел од нејзиниот преостанат економски план кога ќе го достави својот буџетски извештај на 31 октомври. Тој рече дека зголемувањето на даноците и намалувањето на јавната потрошувачка ќе бидат неопходни за да се врати фискалниот кредибилитет на владата. Сепак, Хант вчера инсистираше: „Премиерката и натаму е главна“.
– Таа слуша. Таа се смени. Таа е подготвена да го направи најтешкото нешто во политиката, а тоа е да го промени правецот, изјави Хант за Би-Би-Си.
Конзервативната партија има големо мнозинство во парламентот и теоретски има две години до парламентарните избори. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека конзервативците ќе бидат „збришани“ на изборите и дека Лабуристичката партија ќе освои големо мнозинство.
Конзервативните пратеници се обидуваат да одлучат дали ќе се обидат да го сменат лидерот по втор пат во една година. Во јули, партијата го разреши премиерот Борис Џонсон, кој ги доведе до изборна победа во 2019 година.
Сега многумина од нив жалат за изборот на неговата замена. Агенцијата АП потсетува дека според партиските правила, Трас е безбедна од смена од партијата една година, но некои конзервативни пратеници сметаат дека таа може да биде принудена да поднесе оставка доколку партијата се договори за наследник, пренесува Вијести. Поразениот ривал Сунак, лидерот на Долниот дом Пени Мордант и популарниот секретар за одбрана Бен Валас се меѓу кандидатите споменати како потенцијални замени. И Џонсон, кој остана пратеник, има свои поддржувачи.
Заменик-министерот за финансии Ендрју Грифит вчера изјави дека на Трас треба да и се даде шанса да се обиде да го врати редот.
– Ова е време кога ни треба стабилност, изјави тој за Скај Њуз. – Луѓето дома си ја корнат косата поради неизвесноста. Сакаат компетентна влада која си ја врши работата, заклучи Грифит.
МИА