(видео) Штип Сити мол брои денови пред отворањето – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/22 5:00 PM

(видео) Штип Сити мол брои денови пред отворањето

Финализираат работите на првиот голем мол во источна Македонија, лоциран во Штип на површина од 12.750 квадратни метри, каде на пет нивоа се очекува да бидат сместени артиклите на 30 брендови. Работници, алатки, машини на сите страни во трикатницата на влезот во Штип, каде за неполн месец се очекуваат првите купувачи. Група новинари денеска имаа можност да направат обиколка во новиот мол, да го погледнат просторот и од прва рака да добијат информации за тоа што се’ ќе им биде достапно на посетителите. Менаџерот Гоце Југов објасни дека околу 95 отсто од просторот е веќе закупен и остануваат уште три дуќани, за кои се преговара со потенцијалните закупувачи.

-Македонски реномирани компании од Штип и источна Македонија, во моментот ги финализираат работите на најмодерниот мол во овој дел на државата, кој ќе обезбеди 300-400 директни и директни вработувања. На социјалните мрежи веќе се најавени поголемиот дел од брендовите кои наскоро ќе се вселат, како Ваикики, Синсаи, ДМ, Офис плус…, рече Југов.

Обиколката на молот тргна од нивото -1, каде ќе бидат сместени маркетот Кипер и продавница за бела техника. На приземје се брендовите Синсаи и Ваикики, чии продавници преку засебни лифтови и скали продолжуваат на првиот кат. На приземје се продавниците на Сара фешн, Адамс и френдс, Сити поинт, Цајтс, Бела и Еурофарм. Потоа се  Спорт ријалити, Спорт вижн, Метро, Шатце,Офис плус, Браш, ДМ, додека на третиот кат ќе има детско катче – игротека,  простор за ресторани, за храна, каде Штип Сити мол ги најавува Донер стејшн, Фламинго палачинки, кујна Бравија и еден дел од третиот кат ќе биде сместена дискотеката Клик, која се очекува да биде отворена малку подоцна, некаде пред Нова Година.

Штип Сити мол е инвестиција која до сега, како што рече менаџерот Југов, чини 10 милиони евра. До конечното завршување, компанијата ДИК Фагус на Горан Јордев, ќе вложи околу 12 милиони евра.  Оваа најголема инвестиција од ваков вид во источна Македонија, се очекува да привлече најмалку 260.000 жители од регионот, но и купувачи пошироко од цела Македонија, па и странство. Работното време ќе биде од 10-22 часот, а ќе работи и во недела. Внатре во зградата ќе има 40 паркинг места и над 200 надвор.

Камен темелникот на објектот лоциран веднаш до некогашниот Градски базен, беше поставен на 2 септември 2020 година.

-Со оглед на тоа дека во целиот овој регион Штип, Кочани, Пробиштип, Виница, па и Радовиш и Струмица немаат ваков ултра модерен мол се одлучивме да направиме еден ваков чекор, за да овозможиме поголем број на брендовите да бидат поблиску достапни до нашите сограѓани, рече на свеченоста инвеститорот Горан Јордев.

Според првичните најави, Штип Сити мол се очекува да биде отворен за купувачите во текот на ноември, што беше и рокот даден на ставањето на камен темелникот.