Организацијата на потрошувачи на Македонија(ОПМ) останува на барањето да се замрзнат цените на производите, а не на маржите.
Од март годинава постојано добиваат претставки од граѓаните кога влегуваат во супермаркетите, кои реагираат на цените, но и на квалитетот на производите, кои се во фрижидерите. Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова вели дека претставки веќе имаат, а на терен секојдневно се и инспекциите, кои утврдуваат дали трговците за да ги намалат сметките за струја ги исклучуваат фрижидерите.
-Луѓето реагираат на тоа. Купиле производ, па го сликаат дека е расипан. Сега дали баш поради тоа е расипан не можеме ние да утврдиме, меѓутоа инспекторите може да бидат на терен, дури и рано сабајле да видат дали ладилниците се уклучени или не. Бидејќи може навечер илил во текот на денот да ги исклучуваат, вели Лончар-Велкова.
Посочи дека во зимскиот период очекуваат да се зголеми бројот на преставки поврзани со сметките за струја. Изминатиот период реакциите се околу цената на трансмисија на струјата, која најмногу ги буни граѓаните. Имаат и реакции од страна на граѓаните и за цената на огревното дрво, кое дефинитивно не се продава за 3.000 до 3.500 денари.
-Луѓето не можат да ги најдат тие дрва по 3000 денари. И јас лично барав не можев да ги најдам. И кога правевме истражување пак не најдовме. Сега ќе мора да купат помалку од потребното, за дополнително не го оптеретат буџетот. Таква цена од 3000 до 3500денари нема, вели Лончар-Велкова.
Забележа дека треба да има и субвенции, но и поволни кредити за граѓаните кои купуваат инвертор клими и се залагаат за заштита на животна средина.
МИА