Осуда од МНР за оштетувањето на таблата на бугарскиот клуб во Охрид и апел граѓаните да се однесуваат зрело – ММС
ММС

Објавено на: 10/12/22 7:20 PM

Осуда од МНР за оштетувањето на таблата на бугарскиот клуб во Охрид и апел граѓаните да се однесуваат зрело

Министерството за надворешни работи соопшти дека најстрого го осудува вандалскиот чин, кој се случи денеска во Охрид, а со кој е искршена таблата на неодамна отворениот бугарски клуб.

Од МНР потсетуваат дека според Уставот и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања. Од МНР ги повикуваат сите надлежни институции да преземат соодветни мерки за овозможување на непречено исполнување на сите со Устав и закон загарантирани човечки и граѓански права и слободи.

-Истовремено, го повторуваме апелот и до сите граѓани и здруженија на граѓани за зрело и одговорно однесување со почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас, посочуваат од МНР.

Претходно, од СВР Охрид информираа дека е оштетен дел од таблата на која е испишано името на ново отворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети” во Охрид.

Оштетена е таблата на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид