Сакате да бидете амбасадорка на еден ден? Шведската амбасада во Скопје со конкурс за оваа позиција – ММС
ММС

Објавено на: 10/12/22 1:51 PM

Сакате да бидете амбасадорка на еден ден? Шведската амбасада во Скопје со конкурс за оваа позиција

Амбасадата на Шведска во Скопје распиша конкурс за позицијата „Амбасадорка на еден ден”.

Сите заинтересирани кандидати треба да ги достават следните документи: кратко мотивациско писмо (најмногу 250 зборови), кратка биографија, каде ќе се посочи што прави кандидатот, кои се неговите интереси и кои активности ги презел за да го промовира или подобри животот на заедницата во која живее. Тоа може да биде акција во која сте иницирале или сте учествувале, која промовира еднаквост помеѓу девојчињата и момчињата, обезбедува помош за стари лица или загрозени лица, грижа за животната средина итн – појаснуваат од амбасадата.

Потребни се и две препораки (најмногу еден-два параграфи), од некој што добро го познава кандидатот и може да го препорача за оваа позиција.

– Ова може да биде Вашиот учител или наставник или секој што Ве познава добро и Ве видел во акција. Писмена согласност од Вашите родители/законски старатели (за девојчиња на возраст од 15-18 години), се наведува во повикот.

Од кандидатката се очекува да ја следи амбасадорката во текот на целиот ден, да присуствува на состаноци, да соработува со персоналот на Амбасадата и да учествува во целокупните дневни активности на Амбасадата. На крајот од работниот ден, ќе се очекува да напише краток извештај за работата што ја завршила. Работа ќе почне во 8:30 часот и ќе заврши во 16:30 часот.

Краен рок за пријавување е 25 октомври 2022 година. Пријавувањето треба да се направи преку е-пошта на: ambassaden.skopje@gov.se со наведување: Апликација за конкурсот #GirlsTakeOver 2022 за „Амбасадорка на еден ден”. Успешната кандидатка ќе биде известена до 31 октомври, а од неа се очекува да ги изврши своите должности во текот на ноември или декември.

#GirlsTakeOver е глобална иницијатива, според која девојките ширум светот заземаат позиции на моќ по повод Меѓународниот ден на девојките – 11 Октомври. Шведското Министерство за надворешни работи и многу шведски амбасади ширум светот учествуваат во иницијативата.