СДСМ и ВМРО ДПМНЕ начинот за излез од кризата го гледаат на грбот на работниците, недозволиво е, велат до ССМ – ММС
ММС

Објавено на: 10/12/22 10:39 AM

СДСМ и ВМРО ДПМНЕ начинот за излез од кризата го гледаат на грбот на работниците, недозволиво е, велат до ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира по последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски за кратење на платите и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за укинување на недела неработен ден.

– Владата на која и се случува генерален штрајк во јавниот сектор кој се уште трае онаму каде што истата не ги зголемила платите, сега планира да штеди и да им ги намали платите на работниците, во услови на 18,7 проценти инфлација и до 100 проценти зголемени цени на основните прехранбени производи и на тој начин дополнително да ги осиромаши своите граѓани и работниците за дополнителни 10 проценти, се наведува во соопштението на ССМ.

Според Синдикатот, владејачката партија СДСМ, односно Владата, не ги зголемила платите на работниците, а опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги зголемила на локално ниво, нешто што го сториле и други „совесни градоначалници и други политички партии онаму каде што имаат функционери“.

– Од друга страна, опозицијата настапува бетер од Владата и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како една од главните мерки за надминување на енергетската криза предлага да се укине недела неработен ден и работниците да работеле во недела оти имало вишоци на струја, а работодавачите да бирале сами друг ден во неделата за неделен одмор, се потенцира во соопштението.

Според ССМ, недозволиво е главните начини за излез од било која криза да бидат на грбот на работниците.