Домаќинствата и управителите на зградите да проверат дали објектите се подготвени за грејната сезона, апелира ЕСМ Снабдување до потрошувачите – ММС
ММС

Објавено на: 10/11/22 11:31 AM

Домаќинствата и управителите на зградите да проверат дали објектите се подготвени за грејната сезона, апелира ЕСМ Снабдување до потрошувачите

 ЕСМ Снабдување со топлина во пресрет на новата грејна сезона 2022/2023 која почнува на 15 октомври преку соопштение ги повикува потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната грејна инсталација, да овозможат пристап на екипите на компанијата до топлинската станица и да обезбедат довод на електрична енергија во потстаницата со цел испораката на топлинска енергија во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да се одвива непречено по почетокот на грејната сезона.

Од ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје како вршител на енергетска дејност, со цел обезбедување на јавна услуга снабдување со топлинска енергија во следниот период, апелираат потрошувачите и заедниците на сопственици да проверат дали објектите се подготвени за грејната сезона.

– За да може грејната сезона во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на ЕСМ Снабдување. Истовремено Заедниците на сопственици или Управителите на објектите потребно е да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација). Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија, посочуваат од ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје.

За сите неопходни информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.

Владата донесе одлука за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија бр.41-8304/3 од 20.09.2022 Сл. весник на РСМ бр.206/2022 од 23.09.2022 година со која за вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија се избира „Друштвото за снабдување со топлинска енергија ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје“.

Согласно одлуката, друштвото до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги поднесе „Барање за издавање на лиценца за вршење енергетска дејност снабдување со топлинска енергија” како јавна услуга за потребите на потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: Општина Аеродром, дел од Општина Гази Баба, Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Центар и Општина Чаир.

Апелот е дел од активностите на ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје кои произлегуваат како обврска на вршителот на јавна услуга во следниот период, бидејќи редовното одржување на внатрешната грејна инсталација е одговорност исклучиво на потрошувачите кои се грижат за функционалноста и исправноста на внатрешната грејна инсталација што е од суштинско значење за квалитетот на греење кај потрошувачите, стои во соопштението.