Ќе преживееме ли? Каква зима нè очекува, што прогнозираат метеоролозите? – ММС
ММС

Објавено на: 10/11/22 10:44 AM

Ќе преживееме ли? Каква зима нè очекува, што прогнозираат метеоролозите?

Во услови на енергетска криза во која државите се соочени со предизвикот да обезбедат доволни количини на енергенси и електрична енергија, се наметнува прашањето каква зима не очекува, односно како ќе ја поминеме.

Метеоролозите, според сезонските изгледи, предвидуваат генерално поблага зима од просечната.
Во првата половина од зимата очекувањата се дека ќе има малку поладно, стабилно и релативно суво време со услови за магла по котлините и зголемено аерозагадување посебно во котлините и во урбаните средини, но не се исклучува можноста и за повремени продори на ладен воздух и ладни фронтови.

Во втората половина на зимата постои поголема веројатност за врнежи, кога се очекува и повеќе снег во југоисточна Европа на повисоките планини (југоисточна Србија, северните делови од Албанија, северозападните делови од Македонија).
Ова е генералниот заклучок од деталната анализа за сезонските изгледи на времето во претстојната зима што ја изработи д-р Владо Спиридонов, професор по метеорологија на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје во соработка со м-р Рада Аврамовска и м-р Александра Стевков од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во разговор за МИА, професорот Спиридонов посочува дека во првата половина од зимата има зголемена веројатност за појава на релативно стабилно, студено, мирно и суво време. По котлините, долините и Скопското градско подрачје можно е да се формира магла и зголемено аерозагадување, но не се исклучува и можноста за повремени продори на ладен воздух и фронтална активност со подинамички атмосферски услови, врнежи и ветрови.
– Во прилог на ова оди феноменот „Ла Ниња”, ладна фаза на климатскиот циклус ENSO и потпросечни температури на површината на морето (SST), во централниот и источниот тропски Тихи Океан. Овој мод на климатската варијабилност има влијание врз долгорочната временска прогноза во одделни региони на светот и Европа. Дополнително, неутралната, кон негативна фаза на североатлантскиот индекс NAO во однос на отстапување на полето на притисокот, статусот на поларниот вртлог и млазните струи, исто така даваат изгледи за умерена до постудена прва половина од зимскиот циклус, со постагнатни временски услови и постепена трансформација во поблага зима со поголема веројатност за снег во втората половина. Аналогната прогноза, како новина во сезонските прогнози во Велика Британија, оди во прилог кон овие сезонски изгледи. Имено, четири од петте најзначајни членови на аналогниот индекс упатуваат на поблаги зими од просечните, вели Спиридонов.

Според климатските податоци од УХМР повторно се фаворизираат просечни до поблаги услови. Оваа година досега немало постуден месец од просечниот.

– Земајќи го горе наведеното, шансата за релативно блага сезона е поголема од просечната. Сигналот за врнежите е многу послаб, иако во втората половина на зимскиот циклус постои поголема веројатност за врнежи, кога се очекува и повеќе снег во југоисточна Европа на повисоките планини, оценува Спиридонов.

Во однос на температурите, очекувањата се дека тие ќе бидат за малку над просекот. Во анализата се посочува дека повеќето атмосферско-климатски (сезонски) модели за претстојната зима (декември-јануари-февруари) даваат изгледи за повисоки температури во однос на просекот, а и сезонските проценки на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето ЕCMWF, упатуваат на натпросечни вредности во северните и без отстапување во јужните делови.

Предвидувањата се дека до средината на зимата, поголем дел од Европа ќе има помала висина на снежната покривка, а веќе во втората половина на зимата во одредени области од централна и западна Европа ќе има повеќе врнежи од снег.

dav

– Анализирајќи по месеци, декемвриската прогноза за врнежи од снег покажува силни негативни аномалии. Ова најверојатно се должи на полето на висок воздушен притисок над Европскиот континент, стагнатно, суво и релативно студено време кое не дозволува многу сценарија за врнежи од снег и формирање подебела снежна покривка. Се предвидува дека поголемиот дел од Европа ќе има помала длабочина на снег до средината на зимата. Со попуштањето на Ла Ниња и NAO во втората половина на зимата постепено се менува состојбата така што во одредени области на централна и западна Европа во јануари, а уште повеќе во февруари, покажуваат повеќе снежни врнежи во делови од централна Европа, но не се исклучува и појавата на мразеви. Но, повеќето од другите делови се прогнозираат со помалку врнежи од снег последниот зимски месец, се посочува во анализата.

Освртот за сезонските изгледи на времето во претстојната зима е направен врз основа на моменталната состојба на климата, вклучувајќи ја распределбата на воздушните маси, основната атмосферска и океанска циркулација, температурата на површината на океаните и морињата….

Целата анализа може да се најде на следниот линк:https://aqf.finki.ukim.mk/sezonski_izgledi_vreme_zima_2023.pdf

МИА